Хасани: Првата цел реализирана, сега на триумф и против Гибралтар

Фудбалерот од средниот ред, Ферхан Хасани не го крие задоволството од освоените планирани три бода на гостувањето против Лихтенштајн во петтиот натпревар од групната фаза во Лигата на нациите.

За Македонија сега во понеделник на националната арена „Филип Втори“ останува само со триумф и против Гибралтар да го запечати првото место во групата и да обезбеди полуфинале на свој терен во битката за пласман на Европското првенство 2020.

„Чекор по чекор ги реализираме своите цели. Дојдовме до планираната победа против Лихтенштајн и сега се насочуваме кон натпреварот во понеделник против Гибралтар во Скопје кој мора да го добиеме. Ќе биде сега потешко без капитенот Горан Пандев кој знаеме што значи за нашата игра, но верувам дека ќе победиме и за него. За мене како фудбалер е навистина чест што играм во репрезентацијата заедно со еден таков класа фудбалер како Пандев. Верувам дека сите заедно на крајот ќе успееме и да испишеме историја со пласман на Европско првенство“ – вели Хасани.

Се вчитува...