Хелсинки ќе „брка“ сенки, Шкендија голови за 3. коло во Лига Европа!

Хелсинки не е Дачија, но Шкендија дефинитивно има сили да ја мине и втората пречка во квалификациите за Лигата на Европа ова лето. Тоа е „лајт мотивот“ кој ги води тетовци пред денешниот прв натпревар со Финците кој од 18 часот се игра на стадионот „Младост“ во Струмица.

Максимално позитивно е расположението во тимот на Ќатип Османи кој верува дека ќе се одигра нов квалитетен натпревар преку што би се стигнало до триумф за нешто полесен реванш… По оние вкупни 7-0 против Молдавците сигурно „црвено-црните“ имаат и повеќе од силна самодоверба за успех и против Хелсинки.

„Нашата желба секако е победа на натпреварот со Хелсинки, иако знаеме дека воопшто нема да биде натпревар како оној против Дачија. Но, имаме и квалитет и мотив за позитивен резултат со кој потоа би патувале нешто порастеретени на реваншот во Финска“ – вели Ќатип Османи.

А, Финците, пак, по вчерашното пристинување во Македонија не може да се соземат од високите температури кои ги затекнаа на југот од Европа.

„Ќе биде многу тешко да се игра. Не сме навикнати да играме на температура од 38 степени, а доаѓаме од 20 степени. Искрено не можевме и да замислиме вакви временски услови. Сигурно Шкендија ќе има предност од тој аспект, но ние сигурно ќе дадеме се од себе да извлечеме позитивен резултат“ – велат од таборот на Хелсинки.

Се вчитува...