„Знаеме сите ние дека едноставно се мачевме во фудбалот, навистина се мачевме…. Сега конечно и ние фудбалерите да се пласираме на едно големо натпреварување“ – ќе рече македонската фудбалска икона, Горан Пандев, по освојувањето на Лигата на нациите во Тбилиси и пласманот на Европското првенство следната година. За одбележување на 2020 година!
Во годината одбележана од пандемијата на Ковид-19, без сомнение фудбалските репрезентативци се најголемите спортски херои на Македонија. Наспроти полемиката околу начинот на кој се обезбеди пласман на собирот на најдобрите на Стариот континент, преку подарок Лига нации од страна на УЕФА, на крајот сепак останува фактот дека Македонија го мина неопходниот пат и ќе ја има на европскиот шампионат. Затоа што, во минатото, на крајот на краиштата, никој не се прашувал како и на кој начин настап на големи натпреварувања обезбедувале ракометарите, кошаркарите, одбојкарите… Македонскиот репрезентативен фудбал само успешно го искористи понудениот систем и следната година ќе ја има меѓу најдобрите на континентот.
Дефинитивно, триумфот против Грузија во Тбилиси и погодокот на Горан Пандев за пласман на А-селекцијата на ЕВРО 2020, засекогаш ќе останат забележани во македонската историја. Исто како и имињата на Стефан, Нестор, Џани, Енис, Дарко, Елиф, Бобан, Аријан, Висар, Иван, Столе, Егзон, Алекс, Тихо, Ѓоко, Дамјан… предводени од селекторот Игор Ангеловски, кои заедно се издвоија без конкуренција како хероите за македонскиот спорт во изминатава година.
Нескриени се желбите кај секој фудбалски фанатик од Македонија, успешните денови на најважната споредна работа во светот и за нас да траат и во следната 2021 година. Затоа што целата оваа генерација, и преку настапите за своите клубови во најсилните европски шампионати, јасно го потврдува целокупниот потенцијал за и уште поуспешни издание на терен во иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА