Хокеарите одлични на стартот, триумф над фаворитот Ирска

Македонската репрезентација во хокеј на мраз одлично го стартуваше настапот на „Развојниот куп“ што се одржува во Германија, на кој учествуваат земјите кои немаат затворена арена за хокеј.

„Црвено-жолтите“ во првото коло за противник ја имаа Ирска, селекција што важеше за главен фаворит за првото место, но Македонија со одлична игра славеше со 9-6. Македонските хокеари ја добија првата третина со 3-2, потоа беа подобри и во вториот период (4-3), крунисувајќи ја победата со два постигнати гола во последните 20 минути игра.

Во главна улога беше Јуре Стопар со шест гола, а по еднаш меѓу стрелците се запишаа Кристијан Ташевски, Андреј Василев и Самуел Наумовски.

Македонија и вториот натпревар го игра денеска, а за противник во 19 часот ќе ја има селекцијата на Андора.

Се вчитува...