Хокеј во Скопје – почнува „Ајс Фестивал 2019“

Се е подготвено за новото издание на „Скопје Ајс Фестивал“, турнирот во хокеј на мраз што од петок, па се до недела ќе се одржи на лизгалиштето при „А1 Арена Борис Трајковски“.

Хокеарите на ХК Вардар-Скопје нема да се единствени македонски претставници, на турнирот за прв пат ќе земе учество тимот „Македонија јуниори“ – селекција составена од младински играчи.

На лизгалиштето при А1 Арена Борис Трајковски учество ќе земат уште и екипите на Торпедо Букурешт (Романија) и меѓународниот тим, „Тим Интернешнл“. Во неговиот состав ќе се најдат играчи од цела Европа како и од Северна Америка кои се љубители на хокејот и воедно сакат да го посетат нашиот главен град. Играчите беа повикани преку јавен повик, и така за прв пат на турнирот ќе учествува екипа која е создадена од играчи од различни држави и континенти, додека екипата на Торпедо од Букурешт веќе трета година по ред гостува на Скопје Ајс Фестивал.

Традиционалниот турнир се отвора на ден 13 декември 2019 година (петок) со почеток од 18:30 часот, а ќе го отворат екипите на Македонија Јуниори и Интернешнл, по што во 20:30 часот, силите ќе ги одмерат тимовите на Вардар и Торпедо.

Во сабота, 14ти декември, тимовите на Македонија и Букурешт ќе го започнат овој натпреварувачки ден (8:30 ч.), и веднаш потоа тимовите на Вардар со Интернешнл ќе ги одмерат силите (10:30 ч.). Третото коло ќе се игра исто така в сабота, од 15:30 ч. со натпреварот Букурешт против Интернешнл, и во 17:30 часот со дуелот меѓу домаќините Македонија и Вардар ќе се финишира пласманот за финалните натпревари кои ќе се одржат ден подоцна в недела, 16 декември. Со натпреварите за трето место во 8:30 ч. и финалниот натпревар во 10:30 ч. се затвора седмото издание на Скопје Ајс Фестивал.

Се вчитува...