Хорак: Имаме стари рани од Македонија, ама сега сме подготвени за одмазда

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски

Чесите се стари наши познаници, сме имале многу дуели против нив, и воглавно, сме биле успешни. Го знаат добро тоа и чешките ракометари во пресрет на новата вечерашна пресметка во Вараждин (20.30 часот) која е прогласена како „Денот Д“ и за двете селекции. Само победа остава во игра за висок пласман, посебно кога е Македонија во прашање.

Еден од најискусните во чешкиот состав, Павел Хорак, признава дека нашиот вечерашен ривал има стари рани од Македонија, но и најавува дека сега се подготвени за одмазда.

„Никој не сака да губи. Тоа е јасно. Имаме стари рани од Македонија, со нив игравме многу во изминатиот период, и мора да се признае дека не поминувавме добро. Но, повторно мислам дека тие се супер противник за нас, можеме да ги победиме. Сега сме максимално мотивирани и подготвени за одмазда“, вели Павел Хорак во пресрет на вечерашниот дуел.

Се вчитува...