Храбро: Само Меџик е подобар плејмејкер од Вестбрук

Вашингтон на крилјата на Расел Вестбрук славеше на домашен терен против Индијана со 154-141, со што составот од главниот град на САД стигна до 10. место на табелата кое води во доигрувањето за пласман во плејофот во НБА лигата.

Вестбрук оствари нов трипл-дабл учинок овој пат од 14 поени, 24 асистенции и 21 скок со што стигна до 32. ваков учинок во сезоната, односно 178 во својата кариера. Пред плејмејкерот во оваа категорија е само Оскар Робертсон со 181. трипл-дабл учиноци во својата кариера, па бекот на Вашингтон може да го престигне легендарниот кошаркар веќе до крајот на сезоната.

По новата блескава партија, тренерот на Вашингтон, Скот Брукс упати пофални зборови за својот кошаркар, а притоа нагласи дека Вестбрук ќе биде запомнет како вториот најдобар плејмејкер во историјата, зад Меџик Џонсон.

„Плејмејкерите не го прават тоа што тој го прави. Тој не е нормален, не е, не е стандарден кошакар. Можеби постојат играчи кои шутираат подобро од него, можеби постојат такви кои прават одредени работи подобро од него, но никој во историјата на кошарката не би можел да направи се што тој постигна. Отсекогаш говорев дека Расел ќе биде запомнет како третиот најдобар плејмејкер на сите времиња, но сега мислам дека напредна за една позиција. Ќе биде втор, а првиот е секако Меџик Џонсон. Кошаркарската јавност не го цени Вестрбрук колку што треба бидејќи никој го нема остварено тоа што тој го покажува“, изјави предводникот на Вашингтон.

Вестбрук повторно ќе ја заврши сезоната со трипл-дабл просек, што за него ќе биде четврта сезоната во неговата кариера да оствари ваков учинок. Пред тоа тоа му успеа само на Робертсон во сезоната 1961/62.

Се вчитува...