Хрватите го скршија отпорот на Исланд

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Хрватска по голема битка славеше над Исланд со резултат 31-27 во дерби-натпреварот од првото коло во нашата мундијалска групна што се игра во Минхен. И двете селекции одиграа одличен натпревар, но како пресуден се покажа изворедниот финиш на избраниците на Лино Червар, кои стигнаа до посакуваните бодови.

Првото полувреме донесе атомски ракомет со бројни пресврти. Исланѓаните имаа водство од 14-11 и напад, но во вистински момент во ритам влезе Шего на голот на „коцкестите“. Игор Карачиќ со гол и изнудено исклучување иницираше серија од 4-0 на хрватскиот состав, па на одмор се замина со предност на Хрватска од 16-14.

Исланд се разбуди на стартот од второто полувреме и набрзина го сврте резултатот во своја полза, но во финишот се повторија случувањата од првиот дел. Хрватска заигра далеку подобро во одбраната, следеа неколку лесни голови од контранапад, па победникот беше решен, а избраниците на Лино Червар на крајот славеа со конечни „плус четири“.

Хрватска во второто коло ќе се сретне со Јапонија, додека Исланд в недела за ривал ќе ја има фаворизираната Шпанија.

Се вчитува...