ХРВАТСКА – Бледа сенка од „сребрените момци“ од Русија

Во рамките на медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, чиј дел е и ЕКИПА, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со „Газета дело Спорт“ (Италија), „Ел Паис“ (Шпанија), „Ди Цајт“(Германија),„Спорт-Експрес“ (Русија), „Франсфудбал“ (Франција), „Блик“ (Швајцарија), „Телеспорт“ (Хрватска), „Стандард“ (Австрија, ви ги пренесуваме комплетните информации за сите репрезентации учеснички на Европското првенство 2020.

Англија важи за еден од фаворитите за највисок пласман, а денешниот дуел со Хрватска е идеален испит за можностите на „гордиот албион“.

За ЕКИПА пишува: Александар Холига (Телеграм – Хрватска)

Твитер профил: @AlexHoliga

Подмладувањето на репрезентацијата по СП 2018 е направено само делумно. Тоа донесе проблеми бидејќи „коцкестите“ веднаш имаа огромен пад во формата, делувајќи многу лошо во Лигата на Нации. Сепак, квалификациите за Европското првенство беа успешни и без премногу проблеми се стигна до виза за ЕВРО 2020, иако тимот ретко изгледаше целосно убедливо.

Четворица играчи од почетните единаесет се пензионираа после Светското првенство во Русија, голманот Даниел Субашиќ, бекот Иван Стриниќ и голгетерот Марио Манџукиќ, на кои подоцна им се придружи Иван Ракитиќ. Сите нивни замени – Доминик Ливаковиќ, Борна Баришиќ, Никола Влашиќ и Бруно Петковиќ  одлично се снајдоа, но тимскиот дух и колектив очигледно е далеку од нивото од 2018 година. Ппукнатини се појавија на друго место, особено во одбраната што старее, што се покажа многу ранливо и некоординирано. Постои желба за повеќе свежа крв во форма на Дује Чалета-Кар, Домагој Брадариќ или Јошко Гвардиол, додека Шиме Врсаљко, конечно рехабилитиран од повредите, се чини како бледа сенка од своите најдобри времиња.

Информациите од соблекувалната се строго контролирани и филтрирани, но гласините за одредени несогласувања постојат веќе подолго време. Дејан Ловрен се чинеше дека ваквите информации ги потврди толку многу кога изјави дека помладите играчи „немаат почит“ кон постарите репрезентативци во тимот.

„Новите деца земаат некои работи здраво за готово, тие треба да го променат својот став кон тимот и кон нас постарите“, рече тој.

Селекторот Златко Далиќ, подоцна ги отфрли шпекулациите за раздор во тимот, но тој исто така зборуваше за „недостаток на хемија“ и рече: „Младите играчи треба да покажат почит и да сфатат дека е потребно време за да станат дел од овој состав“.

Наместо да бара играчи кој ќе ја преземе улогата на Ракитиќ во средниот ред, Далиќ се реши да премине назад на 4-2-3-1, со тоа што Влашиќ воодушевуваше во улогата на десетка. Алтернативи за позицијата се Марио Пашалиќ и Андреј Крамариќ. Марсело Брозовиќ, кој е од витално значење за одбранбената рамнотежа на тимот, продолжи да расте во важен играч, особено затоа што не постои вистинска алтернатива за фудбалерот за врска. Матео Ковачиќ зад своето име запиша 66 настапи, но сепак не се смета за стартер, нешто што никогаш не бил во репрезентацијата.

Изборот е ограничен и во нападот. Петковиќ беше одличен на моменти за време на квалификациите, но имаше свои проблеми и падови во формата и кондицијата. Во негово отсуство, Далиќ се обиде да игра без „класичен“ напаѓач и во формација дијамант од 4-2-2-2 најистурени беа играчи кои вообичаено се крилни офанзивци.

Секако, искуството во Русија е голем плус за менталитетот на тимот. Хрватска може да изгледа прилично нестабилна во моментот, но ако парчињата од сложувалката се обединат, тие би можеле повторно да се подготват за големи нешта.

СЕЛЕКТОРОТ

Тврди дека не јаде на деновите на натпреварите и не зборува со никого надвор од тимот или воопшто не го користи неговиот телефон.

„Луѓето кои се блиски до мене знаат дека јас едноставно не функционирам како нормална личност во тие денови, па затоа не се ни обидуваат да ми се јават“, вели тој. Она што Златко го прави е да се моли пред секој натпревар и секогаш држи бројаница во џебот за среќа. Исто така, за жал признава дека „навистина не чита книги“ освен тренерска литература.

ИКОНА

Не гледајте подалеку од момчето што ја носи капитенската лента: во добро и лошо, ова сепак е неговиот тим и тој е подготвен секогаш да го даде својот максимум. Да, тој сè уште владее  во средниот ред, најверојатно децата ќе го облечат неговиот дрес и неговото лице ќе се појави во повеќето реклами, но Модриќ е контроверзна личност што не е безусловно почитувана и сакана во својата татковина.

Причината е многу специфична: неговата улога во „долгометражниот“ судски процес против Здравко Мамиќ, најголемиот случај на корупција во хрватскиот фудбал, кога го смени претходното сведочење и рече дека „не се сеќава“ на клучните детали што одат во прилог на обвинителството.

БЛАГОДАРЕН ЗА ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020

Стартниот десен бек ќе беше отсутен минатото лето. Всушност, тој пропушти скоро две и пол години од меѓународниот фудбал со операција на коленото и повреда што се повторуваше, пред конечно да се појави против Словенија во март годинава.

„Ми недостасуваа момците“, рече тој. „Сепак, ние не сме тука за да се дружиме, туку за да постигнеме резултати“.

ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (4-2-3-1): Ливаковиќ; Врсаљко, Ловрен, Вида, Баришиќ; Брозовиќ, Модриќ; Перишиќ, Влашиќ, Ребиќ; Петковиќ

ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ: 

„Lijepa li si“ (Убава ли си). Многу контроверзен избор, со оглед на тоа што го изведува пејачот, Марко Перковиќ Томпсон, кој беше поврзан со крајно десничарскиот националистички ревизионизам и забранет во некои земји поради тоа. Песната ги наведува историските региони на Хрватска, но кулминира со споменување на дел од соседната Босна и Херцеговина: патем, од таму потекнуваат менаџерот Далиќ и неколку негови играчи. Томпсон се појави на сцената заедно со тимот  на прославата на Светското првенство 2018 во Загреб, но не му беше дозволено да ја изведува песната.

ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ: 

„Ostaviti srce na terenu“- да се остави срцето на теренот.

„Neka pati koga smeta“-„кому му пречи тоа, нека пати“, што значи уживање во успехот дури и (или особено) ако тоа носи болка на некој друг.

„Poslao ga po ćevape“-„го испрати по ќебапи“, што значи потег ( може да биде и додавање или удар) што го испраќа противникот во спротивна насока.

ПАНДЕМИСКИ НЕГАТИВЕЦ

„Готово е, Бил. Луѓето не се слепи“, напиша тој на Инстаграм во април минатата година, коментирајќи ја објавата на Бил Гејтс поврзана со Ковид-19 поддржувајќи ги теоретичарите кои тврдеа дека со вакцинацијата ќе се врши чипирање на светското население.

Во екот на пандемијата, тој исто така споделуваше објави од теоретичари на заговор како Дејвид Ајк и Рашид Бутар, но подоцна изјави дека не е анти-ваксер: „Јас само мислам дека луѓето треба да имаат можност на избор“.

Се вчитува...