Хрватска ја надигра Србија на „Трофеј Македонија“

Хрватска ја забележа првата победа на „Трофеј Македонија“ во Охрид откако „коцкестите“ денеска очекувано лесно и убедливо славеа над Србија со резултат 28-15. Србинките пристигнаа во Охрид со значително подмладен состав, синоќа загубија убедливо од Македонија, а денеска истото им се повтори и на дуелот со хрватскиот состав, кој ја потврди разликата во квалитет и стигна до рутински триумф.

Србија беше подобар противник само до 4-6, по што Хрватска влезе во ритам, најпрвин израмни на 7-7, а потоа и се одлепи на одмор заминувајќи со 13-9.

Второто полувреме мина во апсолутна доминација на хрватските ракометарки кои ја зголемуваа предноста, веќе во 42. минута стигнаа до првото двоцифрено водство (21-11), за до крајот да стигнат до конечните 28-15.

Токму Хрватска ќе биде последен ривал на македонската репрезентација на овој турнир, дуел закажан за утре во 19 часот во салата „Билјанини извори“ во Охрид.

Се вчитува...