Чудните судиски одлуки и уште почудните реакции од ВАР собата придонесуваат обичните фудбалски фанови да ја губат довербата во новиот изум што требаше да ја зголеми регуларноста на натпреварите.
Реалноста е поинаква, иако ВАР во бројни ситуации ги корегира судиските грешки, постојат и голем број на ситуации во кои реакцијата од ВАР-собата е сосема неоправдана. На оваа тема говореше и првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, кој не крие дека очекувал далеку подобро функционирање на овој систем.
„Искрено, никој не го разбира ВАР, ниту јас веќе не го разбирам користењето на оваа технологија. Навивачите се збунети, и тоа со право, затоа што за исти ситуации на два натпревари се носат две различни одлуки. На пример при играњето со рака, еден судија вели пенал, друг дека не треба да се покаже на белата точка. Дали имало намера или не, од каде да знаете, па не сте психијатар. Целата поента беше дека одлуките мора да ги носат главните судии, а од ВАР собата да се реагира само ако има голема и очигледна грешка. Згора на тоа, интервенциите мора да бидат кратки, а гледаме примери како судиите се консултираат и по десетина минути. Мора да се научи најстрого да се почитува правилникот, нешто што не се случува во моментов“, критичен е првиот човек на европскиот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
