И „фалангата“ на испит, Словенците ќе бидат најбројни во Загреб

Македонските ракометари ги очекуваат тешки битки на теренот во „Арена“ во Загреб против селекциите на Словенија, Црна Гора и Германија. Нималку лесно нема да им биде ниту на македонските навивачи кои вообичаено приредуваат шоу каде и да се појават ширум Европа. Сепак, овојпат и тие ќе наидат на далеку поброен ривал со оглед на прогнозите дека Словенија ќе биде репрезентацијата со убедливо најмногу приврзаници во групата Б. Загреб се наоѓа на само триесетина километри од границата со Словенија, па спортските фанови од оваа земја се подготвени за инвазија на хрватскиот главен град.

Впрочем, така беше и за време на Евробаскет 2015, кога дел од иста група во Загреб беа и Словенија и Хрватска (заедно со Македонија), а присутни во „Арена“ беа над 4.000 словенечки фанови, кои создаваа подобра атмосфера дури и од домаќините.

Прогнозите велат дека од капацитетот од 15.000 места, најмалку една третина ќе им припадне на фановите од Словенија. Што се однесува до Македонија, се очекува над 2.000 припадници на „фалангата“ во јануари да допатуваат во хрватската метропола за да им дадат поддршка на избраниците на Раул Гонзалес во обидот да се обезбеди пласман во следната рунда, што би се играла во Вараждин.

Кога е најтешко, Македонците се тука за да одговорат на предизвикот. Затоа, дури и доколку Словенците се побројни, нема дилеми дека на дел од „Арена“ ќе ечи и „фалангата“, со добро познатите песни кои ги следат нашите национални тимови ширум Европа.

Се вчитува...