Златан Ибрахимовиќ со два гола го предводеше Милан до триумф од 2-0 над Болоња, но шведскиот ас не крие дека жали што не постигна и трет гол, особено ако се земе во предвид шансата кога го издрибла и гостинскиот голман, но потоа не успеа да ја смести топката во празната мрежа.
Ибракадабра, кој следниот месец ќе наполни 39 години, останува главен адут на „росонерите“ и во новата сезона, во која цел на тимот е обезбедување на учество во Лигата на Шампионите.
„Се наоѓам во добра форма, но знам дека можам уште подобро, ова сепак ни беше само втора официјална средба сезонава. Дадов два гола, но да бев 20 години помлад ќе дадев уште два. Не сум стар, јас сум како Бенџамин Батон, почнувам стар и умирам млад. Шегата на страна, одигравме добар меч. Направивме некои грешки, но тоа е нормално бидејќи се уште не сме на 100% од своите можности. Нема да летаме со изјави, одиме натпревар по натпревар, секој меч ќе го третираме како куп-финале“, истакна Ибрахимовиќ по натпреварот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА