Ибраими со „хет-трик“ ја доближи Струга ТЛ до плеј-офот во Лигата на Конференции (ВИДЕО)

Струга ТЛ се стекна со предност од два гола разлика (3-1) во првиот натпревар во третото квалификациско коло во Лигата на Конференции, и така направи голем чекор кон плеј-офот во ова натпреварување. Херој на стружани е Бесарт Ибраими кој постигна три гола, од кои два од пенал. Струга ТЛ главно доминираше низ мечот, но направи и неколку грешки, имаше несигурности, а гостите само еднаш казнија. Ведран Ќосевски имаше две супер одбрани во првиот дел, и така спаси неговата мрежа да се тресе уште во првите 45. минути. Струга ТЛ имаше уште некоја шанса во вториот дел за поубедлива победа, меѓутоа успеа и Чеканович нешто да одбрани, откако се претвори во трагичар на мечот, по грешката за првиот гол, и направениот пенал во вториот дел.

Одличното прво полувреме на Струга ТЛ беше крунисано со два гола во мрежата на гостите од Луксембург. Бесарт Ибраими во 23. минута по одлично проигрување на Радески и грешката на Чеканович, успеа да спроведе во мрежата на гостите за предност. Струга ТЛ продолжи да доминира и да прави проблеми на одбраната на Есперанж, а во 40. минута 2-0. Одлична акција, и пробив на Ибраими, стартуваше врз него Жаиме, и беше покажан пенал. Сигурен реализатор беше Ибраими, кој стрелаше прецизно во долниот десен агол.

Двата обида во првиот дел на Есперанж и одличните интервенции на Ќосевски како да не беа доволна опомена за стружани. Така на стартот од вториот дел гостите успеаја да намалат на 2-1, и да се вратат во игра за добар резултат од Скопје. Штолц во 46. минута успеа да казни едно невнимание во домашната одбрана и да го намали резултатот. На полвуремето гостите направија и две замени кои внесоа дополнителна свежина.

Тимот од Луксембург беше опасен по постигнатиот гол, односно Струга ТЛ имаше мал пад во играта. Меѓутоа и покрај тоа, шанса имаше Укпа кој не успеа да го совлада Чеканович кој одбрани „зицер“.

Како се ослободуваше од притисокот, Струга така и се најде во шанса преку Ибраими кој го мина и Чеканович, кој прави пенал. Во 77. минута Ибраими во голем стил стрела за водство од 3-1.

Предноста на Струга ТЛ е солидна, а дали ќе биде доволна, ќе се знае после реваншот во Луксембург на 17. август.

Се вчитува...