Игуаин ги купи билетите на Јуве за финалето во Кардиф

Јувентус е на прагот на пласман во финалето на Лигата на шампионите во Кардиф, откако го совлада Монако на гости на „Луј Втори“ со 0-2. Реваншот ќе се одигра за шест дена во Торино, но „кнезовите“ ќе имаат неверојатно тешка задача да ја анулираат оваа голема негатива.

Најдобрата одбрана го победи најдобриот напад во ЛШ. Цврстиот бедем на чело одличниот Џанлуиџи Буфон и овојпат остана несовладан, а Гонзало Игуаин ја покажа својата класа во два обиди, тресејќи ја мрежата на Субашиќ.

Килијан Мбапе имаше две шанси на почетокот, но Буфон беше на висина на задачата, а потоа возврати Јувентус. Во 29.минута, магична асистенција на Дани Алвеш за Гонзало Игуаин, а тој во манир на расен стрелец не греши кога е најпотребно.

Во вториот дел, Фалкао имаше можност да израмни, но Буфон повторно беше на вистинското место. И повторно иста шема. Дани Алвеш нафрли, Игуаин непогрешливо стрелаше и во 59.минута, за 0-2, и за огромна предност за италијанскиот првак по првите 90 минути од двомечот со Монако.

Во завршницата, се закани и Жермен, но Буфон е едноставно несовладлив. Јувентус со едната нога е веќе во финалето на Лигата на шампионите.

Gonzalo Higuain Goal – Monaco Vs Juventus 0-1… by dailyfootball4uHiguain Goal HD – Monaco 0-2 Juventus 03.05.2017 by eurofootballhd1

Се вчитува...