Гонзало Игуаин до крајот на оваа седмица би требало да го комплетира трансферот во Милан по позитивниот состанок што Аргентинецот и неговиот брат (воедно и агент) го имале со новото раководство на „росонерите“. На Игуаин му е јасно дека ќе треба да си замине од Јуве по доаѓањето на Кристијано Роналдо, па иако постоеше опција да се пресели во Челси тој сепак одлучил да остане во Италија и да го облече дресот на „росонерите“.
Тој ја прифатил понудата на американската управа предводена од Леонардо, давајќи зелено светло за клубовите да ги договорат деталите од трансферот. Јувентус е согласен да го пушти Игуаин на позајмица за 18 милиони евра, по што Милан наредното лето ќе може да го откупи Аргентинецот за дополнителни 36 милиони евра. На тој начин „росонерите“ ќе можат да комплетираат мегатрансфер без да го прекршат финансискиот ферплеј. Се очекува сумата од 18 милиони евра Милан да ја покрие од продажбата на Калиниќ, кој сигурно летово ќе си замине од „Сан Сиро“.
Во меѓувреме, Милан и Јувентус ќе ги продолжат и преговорите околу размената на дефанзивци со која Леонардо Бонучи би се вратил назад во Торино, додека „росонерите“ за возврат би го добиле младиот и перспективен Калдара.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА