Игуаин против „проклетството на деветката“ во Милан

Гонзало Игуаин денеска и официјално беше промовиран во нов член на Милан, а навивачите на „росонерите“ се надеваат дека со неговиот ангажман конечно ќе биде решен голгетерскиот проблем со кој овој клуб се соочува во изминатите години. Особено симптоматично е „проклетството на бројот девет“ со кое „росонерите“ се соочуваат уште од 2012 година, кога Филипо Инзаги си замина од „Сан Сиро“. Оттогаш неколку голгетери се обидуваа достојно да го заменат Инзаги, но не беа ниту приближно до резултатите и успесите на „Супер Пипо“.

Во 2012 година прв што ја зеде деветката по Инзаги беше Алехандре Пато, кој не се снајде најдоб ро во овој дрес. Бразилецот имаше проблеми со повреди и не постигна ниту еден единствен погодок, потоа му ја предаде „деветката“ на Алесандро Матри, кој беше стрелец на еден гол за Милан во „Серија А“. Следеше позајмица на Фернандо Торес, кој го зеде својот вообичаен број на дресот, но исто како и Матри, заврши со само еден постигнат погодок.

Во сезоната 2015/2016 „росонерите“ го ангажираа Луиз Адријано, бразилскиот голгетер кој важеше за гол-машина во Шахтјор, но не се снајде во Италија. Тој постигна вкупно шест гола со дресот со број девет (четири од нив во Калчо-лигата), пред да му ја препушти „деветката“ на Лападула, кој е најдобар голгетер со овој дрес во последните шест години, постигнувајќи осум погодоци за Милан во „Серија А“.

Лани како големо засилување беше доведен Андре Силва, но асот на Порто се покажа во разочарувачка форма, постигнувајќи само два гола во Калчо-лигата, премалку за да се оправдаат големите очекувања во него.

Со Игуаин сепак приказната е поинаква, тој како ас на Реал Мадрид, Наполи и Јувентус веќе се има докажано како голгетер од највисока класа. Затоа, ако некој може да го урне „проклетството на деветката“ на Милан, тоа е токму Аргентинецот.

Се вчитува...