ИХФ откри: Европа со 13 места на СП 2021, патот за Македонија нема да е лесен

Проширувањето на ракометните светски шампионати од 24 на 32 репрезентации беше најава дека полесно ќе оди и пласманот на Македонија на наредните мундијали, но ИХФ денеска објави како планира да ги распредели местата за СП 2021 во Египет, разочарувајќи ги воглавно европските национални селекции. Бројот на доделени места за европските селекции се зголемува од девет на тринаесет, но патот до виза за „земјата на фараоните“ воопшто нема да биде лесен за нашиот национален тим.

Имено, од 32 места за СП 2021 само две се однапред доделени, на домаќинот Египет и на светскиот првак Данска. За разлика од последното СП, овојпат нема директен пласман за актуелниот европски шампион (Шпанија не учествуваше во претходните квалификации за СП), а во квалификациите ќе се вклучи и Германија, која како ко-домаќин беше автоматски учесник на јануарскиот Мундијал. Европа ќе има вкупно 14 претставници на овој шампионат, само еден повеќе во однос на СП 2019 во Данска и во Германија.

Од останатите 30 места, дури 13 припаѓаат на европските селекции, кои повторно ќе разигруваат со бараж двомечи за влез на СП 2021. Затоа, многу важно ќе биде да се стигне до добар резултат на следното ЕП 2020, за да се остане меѓу носителите, бидејќи во спротивно ќе следи преселба меѓу „непривилигираните“ и бараж-дуели со земји од самиот врв на европскиот ракомет.

Од останатите континенти, Африка ќе има шест учесници на овој шампионат (плус домаќинот Египет), Азија четири, а ПАН Америка пет селекции. Океанија има едно место, но само доколку шамионот на овој континент се најде меѓу најдобрите пет селекции на Купот на Азија. Во спротивно, тоа место ќе биде доделено како втора вајлд-карта од страна на ИХФ, откако светската куќа на ракометот однапред самата си остави еден билет за Египет што ќе го додели по завршувањето на квалификациите но сите континенти.

Се вчитува...