Ијасу Ворку е желба на МЗТ Скопје

Ијасу Ворку е желба на МЗТ Скопје за замена на доскоршениот разигрувач Дастин Вер. Американецот кој оваа сезона го засили Гостивар игра одлично во првиот дел од сезоната во која успеа да стане и првиот странец со трипл-дабл во македонското првенство, интересно токму против актуелниот шампион во СЦ „Јане Сандански“.

Дваесетитригодишникот на 13 натпревари во Првата лига бележи просек од 17.5 поени, 7.2 асистенции и 5.2 скока со што е еден од најдобрите играчи во „елитата“ на македонската кошарка. Стилот на игра на Ворку е погоден за МЗТ Скопје и се чини дека во права мера може да го замени Вер, а предност има и фактот дека со себе има и искуство од настапите во АБА лигата.

Со Ворку, МЗТ Скопје би добил играч кој „воопшто нема да ги потцени македонските натпреварувања“, но останува да видиме дали ќе успее да го примами во своите редови. Плејмејкерот во својот договор нема опција за откупување со обесштетување, ниту гостиварци нема лесно да се откажат од „моторот“ на тимот, а и последните информации велат дека Ворку е задоволен во Гостивар.

Актуелниот шампион во минатото знаеше да го „украде“ најдобриот играч на противникот, така беше и случајот со Урош Луковиќ па останува да видиме како ќе се одвиваат работите во следниот период. Јасно е дека пред новото раководство на тимот е тешка задача за наоѓање на адекватна замена на Вер поготово во кусиот период пред настапите во АБА2 лигата во кои „сино-белите“ ќе се сретнат со Сутјеска, Подготица и Војводина.

Се вчитува...