Икарди го менува Кавани во ПСЖ?

Мауро Икарди е фудбалерот што челниците на ПСЖ сакаат да го видат во своите редови во следната натпреварувачка сезона. Конфликтот меѓу Нејмар и Кавани е смирен само привремено и веќе е јасно дека Уругваецот на крајот од сезонава ќе мора да си замине од „Паркот на принцовите“, a францускиот гигант разгледува неколку опции за негова замена.

Иако се споменуваше размена со Челси за Алваро Мората, последните информации говорат дека погледите се насочени кон Икарди, за чии услуги наскоро ќе биде и испратена официјална понуда до челниците на Интер. Сто милиони евра е сумата што ПСЖ е подготвен да ја плати за аргентинскиот голгетер, пари што „нероаѕурите“ тешко ќе можат да ги одбијат и ако се земат во предвид нивните проблеми за задоволување на строгите стандарди за финансиски ферплеј.

Икарди не ја крие желбата да се пресели во Реал Мадрид, но во ситуација кога „кралевите“ делуваат многу позаинтересирани за Хари Кејн сега и Аргентинецот ги разгледува останатите опции за продолжување на кариерата. ПСЖ ќе му понуди на големиот ас петгодишен договор за вкупно 40 милиони евра загарантирана плата (плус бонуси за постигнати голови и освоени тофеи), доволно примамлива за да го натера Аргентинецот многу сериозно да ја разгледа опцијата за преселба во Париз.

Се вчитува...