Мауро Икарди повторно беше херој на Интер, овојпат на најважниот дуел за навивачите на оваа екипа, пресметката со градскиот ривал Милан што „нероаѕурите“ ја добија со 1-0 благодарение на неговиот гол во судиското продолжение.
„Дерби натпреварите се играат за да се добијат, не смееме да се задоволиме само со еден бод, тоа го зборувавме меѓу нас цела седмица наназад. Бевме подобар тим, создававме шанси, го погодивме дирекот, заслуживме да победиме со она што го покажавме во 90-те минути игра. Голот во 92. минута ја прави оваа победа уште послатка. Уште пред репрезентативната пауза реков дека Интер мора да победува за оваа фантастична публика. Треба да продолжиме во ист ритам“ – изјави Икарди.
Синоќешниот триумф го донесе тимот од Милано на шест бода заостанување зад лидерот Јувентус.
„На нас е да покажеме карактер, да продолжиме со победите, па на крајот ќе видиме до каде ќе стигнеме. Сезоната е долга, ние знаеме дека можеме да се носиме со секого, да го победиме секој ривал, но тоа ќе мораме да го потврдиме и на теренот“ – истакна капитенот на „нероаѕурите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА