Илчо Ѓорѓиоски: Се уште трпам бројни закани и уцени, обвинение за несовесно работење, а никој не зборува што се направивме за мак-фудбалот

По вчерашната информација од страна на Финсиската полиција за сомнение за ново кривично дело на поранешната сметководителка во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), О.М., која е под обвинение за финансиски криминал од 2,4 милиони евра, во чии истраги за несовесно работење се обвинува и Илчо Ѓорѓиоски, поранешниот претседател на ФФМ денеска со свој став за сето тоа, но и сите случувања во мак-фудбалот.

„Деновиве повторно е актуелен случајот со ФФМ во кој сум инволвиран. Повеќе од три години хајки и оцрнување на моето име. За нештата да бидат појасни за тие кои имаат сомнеж… Како претседател на ФФМ и одговорно лице поставив контролни механизми кои требаше да го контролираат финансиското работење во ФФМ, финансова комисија со стручни лица дел од нив експерти ревизори со големо искуство и вработени во НБМ како и надворешна ревизорска куќа. Последната годинаипол како претседател имаше контроли од сите можни државни институции, УЈП во повеќе наврати по 2-3 месеци, Економски криминал, Финансиско разузнавање, нормално со цел да најдат нешто. И истите не ја открија измамата која ја правела раководителката во одделот за финансии во мое време и во време на сегашниот претседател, а веројатно и кај предходните претседатели затоа што во ФФМ работи повеќе од 25 години. Туку ‘случајно’ ја открива сегашниот претседател кога за 8 месеци извлекла најголем дел од парите. И се случува само мене од сите претседатели пред и после мене да ме инволвираат и да ми пуштаат кривична пријава со цел да ме дискредитираат и направат криминалец. Кривична за НЕСОВЕСНО работење!? Какво е тоа несовесно работење ако толку експерти не можеле пред, за време и после моето претседателствување да ја откријат измамата се прашувам“ – вели Ѓорѓиоски.

Поранешниот прв човек на ФФМ истакнува дека се уште трпи бројни закани, уцени и рекетирања, но освен постојаните дискредитирања никој не сака да ги потенцира тоа што тој го направи за македонскиот фудбал кога беше претседател на федерацијата.

„Тоа е за овој случај, за сите закани од типот возиш кола се може да ти се случи – имаш семејство итн, уцени и рекетирања што ми се случуваа во последната година како претседател на ФФМ и што се уште се случуваат понатаму … има многу за пишување. Не видов никој да напише текст за сите проекти кои ги почнавме и завршивме во мое време: за куќата на фудбалот, за тренинг центарот, за академиите од кои произлегоа многу репрезентативци, за успесите на репрезентациите и пласманот на младите на Европско од каде се направи костурот на оваа А репрезентација. Никој не знае дека јас бев иницијатор да ги донесеме и Адеми и Алиоски и уште многу други фудбалери кои се носители во националните тимови. Супер купот кој се одржа во Скопје (за кој само малкумина знаат како го добивме), терени со вештачка трева, терени со природна трева, трибини и уште многу проекти од кои некои останаа недовршени заради опструкциите од одредени градоначалници и само затоа што јас бев претседател. Оцрнување до коска, сите неистомисленици се непријатели тоа е менталниот склоп така функционираат. Работам посветено за доброто на фудбалот без разлика дали како фудбалер ,тренер или претседател и ќе продолжам да го правам тоа без разлика со какви притисоци и закани се соочувам. Затоа што фудбалот е мојот живот“ – вели Илчо Ѓорѓиоски во објавата на социјалните медиуми.

Се вчитува...