Илиевски доаѓа со потписите, заврши одморот на Наумоски

Петар Наумоски во периодот на најголема бура во мак-баскетот си зеде продолжен одмор „врзувајќи“ ги новогодишните и божиќните празници, но ете и тие осум дена минаа, па сега претседателот на МКФ ќе треба одново да се соочи со суровата реалност – дека е непожелен за оваа функција и ќе треба што поскоро да распише Собрание на МКФ.

Она редовното кое се одржа кон крајот на ланската година беше вистинско фијаско, откако Наумоски самиот го прекина бегајќи од иницијативата за негова смена, но и воопшто не дискутирајќи за останатите точки од дневниот ред. Тој гласно побара иницијаторите за негова смена да соберат потписи и да иницираат ново, Вонредно собрание на кое би се гласало за (не)доверба на претседателот, но со односот за време на декемвриското собрание само уште повеќе го навлече бесот на актерите во мак-кошарката врз него.

Даниел Димевски во меѓувреме се повлече од трката, па единствен против-кандидат на Наумоски останува долгогодишниот репрезентативец Владо Илиевски. Големиот ас ги искористи деновите „дадени“ од претседателот за да оствари непосредни средби со претставниците на клубовите, добивајќи уште поголема поддршка во обидот да дојде на чело на МКФ. Неофицијално, Илиевски веќе во текот на денешниот ден ќе пристигне за да ги поднесе потписите за иницијатива за свикување на собрание, се со цел што поскоро да почне да тече рокот од 15 дена во кои Наумоски ќе мора да го послуша гласот на клубовите, тренерите, судиите…

Владо Илиевски е оптимист дека има собрано големо мнозинство, но јасно е дека сегашниот претседател нема да се откаже без борба. Сагата дефинитивно ќе продолжи уште две седмици, кога ќе стане јасно дали ќе дојде до промени во куќата на кошарката или Наумоски ќе продолжи со своето владеење.

Се вчитува...