Илиевски: Поразот нема да не исфрли од ритам, судиите влијаеја на резултатот

Марјан Илиевски изрази жалење што врз дербито меѓу Блокотехна и Работнички во самиот финиш дамка фрлија судиите со неколку грешки во последните минути. Според стратегот на Блокотехна, критериумот на арбитрите не бил тенденциозен, но во секој случај влијаеше врз конечниот исход во завршницата во која во последните дваесетина секунди на домаќините им беше досудена најпрвин намерна, а потоа во друга ситуација и техничка грешка поради „флопинг“.

„Денешниот натпревар го оправда епитетот на дерби на колото меѓу првите две екипи на табелата во досегашниот период. Одигравме со доста осцилации при резултатска предност на почетокот од натпреварот, но и лоша завршница на втората четвртина со 40 примени поени. Имавме многу отворени шутеви кои не ги реализиравме, но без разлика на тоа покажавме дека можеме да се вратиме од една резултатска негатива до момент до победа. Сепак, и покрај лошиот процент за шут и слободни фрлања не ни беше дозволено од делителите на правдата да направиме целосен камбек. За многумина е неразбирливо како може во последните три минути да се донесат такви одлуки. Лично мислам дека тие одлуки не беа тенденциозни, но во секој случај директно влијаеја на резултатот и на фокусот на играчите“ – истакнува стратегот на Блокотехна.

Ова е првпат сезонава Блокотехна да врзе два порази во низа, но Илиевски е убеден дека неговиот тим експресно ќе се врати на победнички патеки.

„Ова е прв пораз за нас на домашен терен, втор во низа по полуфиналето од Купот на Македонија, но не треба да влијаат врз нас во натамошниот тек од натпреварувањето. Се надевам дека ќе се вратиме на победничкиот ритам, верувам во моите играчи кои досега покажаа дека знаат како тоа да го прават, иако се соочуваме со мал број на домашни играчи“ – оптимист е Марјан Илиевски.

Се вчитува...