Илиевски: Се виде дека на арената Тодор Проески играчите се чувствуваат најкомфорно

Работнички дојде до третиот триумф во Првата лига на Македонија. Вчера „романтичарите“ ја совладаа екипата на Воска Спорт со 2-0 на Националната Арена „Тодор Проески“, каде се врати тимот на Работнички после неколкунеделна пауза поради фактот што мораше да се сочува теренот за пресметката со Италија.

Тренерот Милан Илиевски е задоволен од резултатот на својот тим, и кажа дека и натаму има простор да се подобри играта.

„По подолг период се вративме како домаќини на арената „Тодор Проески“ и веднаш беше видливо дека фудбалерите тука се чувствуваат најкомфорно. Тие се заслужни за успехот, го испочитуваа тоа што го побаравме од нив. Видливо е дека тимот функционира сѐ подобро, ова лето донесовме неколку нови фудбалери и се гледа значително подобрување на воиграноста. Среќни сме за триумфот и трите бода, но сега веднаш го ставаме фокусот на следниот предизвик. Веќе в среда нѐ очекува натпревар во Купот против Тетекс на кој мораме да му пријдеме со максимален фокус. Знаеме дека се игра еден натпревар и затоа мораме да бидеме внимателни. Некои фудбалери можеби ќе добијат одмор, но очекувам сите кои ќе имаат шанса да ја искористат и да ја оствариме целта“, вели шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски.

Се вчитува...