ИЛИЈА НАЈДОСКИ – 30 години од Бари: „Дресот од финалето уште не сум го испрал, се уште има траги од крв…“

На денешен ден пред точно 30 години, едни од најголемите македонски фудбалски легенди во историјата, Дарко Панчев и Илија Најдоски, со Црвена Звезда се закитија со европската круна.

Прв најголем европски трофеј за македонски фудбалери во историјата. Неприкосновениот Илија Најдоски беше една од клучните алки за тимот на Црвена Звезда, борец до последен здив, беспрекорна личност секогаш максимално посветена на тимот. Сега потсетувајќи се на финалето во Бари кое Црвена Звезда го доби по пеналите, вели дека се уште го чува дресот од финалето со сите крвави траги на него.

„Го сочував својот дрес од првото полувреме. Уште не е испран, се уште има траги од крв. Сите други дресови заминаа некаде, но тој нема шанси да мрдне од мојот дом…“ – вели Најдоски во разговорот за „Моцартспорт“.

„Слабо го одигравме тоа финале, имаше многу тактика, не одигравме како што знаеме затоа што и притисокот си го направи своето. Но, некогаш е подобро така да се одигра, па да добиеш. Никој не ни рече да играме дефанзивно, но самиот натпревар водеше кон тоа. Го чував Папен, кој со Панчев тогаше најдобриот напаѓач во Европа, но немав некои посебни подготовки и разговори со Љупко Петровиќ за тоа. Се подготвував гледајќи некои негови натпревари. Но, беше навистина феноменален играч. После мечот ми честиташе, и јас нему. Беше навистина машка игра, но има разлика меѓу машка и расипана игра. Во тоа време немаше расипана игра. Јас во живот не сум удрил играч намерно. Никогаш. Нема шанси!“

Најдоски се потсетува и на моментите со соиграчите од Црвена Звезда, сите славни имиња како Савичевиќ, Михајловиќ, Просинечки, Југовиќ, Биниќ, Стојановиќ…

„Некогаш имаше и караници на терен меѓу нас. Некогаш некој се однесува лефтерно на терен, не сака да додаде топка, не сака да трча, не сака да покрие. Па тоа си го решававме меѓу себе. Умееше Биниќ да го фати Просинечки и за гуша, но беа најдобри другари. Потоа би отишле во дискотека заедно. Немаше тука расипани луѓе, тоа е најважно. Сите живеевме како едно. Можеш да имаш одлична екипа, ама да имаше само еден кој ја растура атмосферата тогаш нема успеси. Меѓу нас немаше никаква љубомора, а имаше толку многу мајстори на фудбалската игра. Миха, Дејо, Дарко, Роби, Бина, Југо…“ – се потсетува Најдоски.

Целокупниот разговор на Илија Најдоски може да го погледнете на Моцартспорт.

Се вчитува...