Илија Несторовски се враќа во македонската репрезентација за пријателските со Финска и со Азербејџан!

Македонскиот напаѓач Илија Несторовски, по пауза од цели 20 месеци повторно се враќа во репрезентативниот дрес. Несторовски, како што потврдуваат за ЕКИПА од редовите на италијанскиот Удинезе каде веќе е пристигната поканата a офанзивецот ќе се јави на македонскиот собир, добива повик од селекторот Благоја Милевски за двата ноемвриски пријателски натпревари на Македонија против Финска и против Азербејџан во Скопје.

Последниот натпревар на Несторовски за националниот тим беше на 28. март минатата година против Лихтенштајн во квалификациите за СП 2022 кога во победата од 5-0 во Скопје стрелаше и од белата точка. Од тогаш поради повреда го пропушти и настапот на ЕВРО 2020 на кое минатата година Македонија играше во Романија и во Холандија, а сега офанзивецот на Удинезе повторно се враќа во националниот тим како еден нов почеток на репрезентацијата чиј фокус се квалификациите за ЕП 2024 следната година.

Милевски, уште со доаѓањето на чело на најдобрата македонска фудбалска репрезентација нагласи дека неговиот фокус ќе бидат квалификациите за ЕП 2024, па токму сега, и низ тест-дуелите со Финска и со Азербејџан, стартува креацијата на тимот кој ќе го понесе товарот во исклучително силната квалификациска група во која Македонија е заедно со Англија, Италија, Украина и Малта. Токму затоа и се очекува повик на сите во моментов најдобри расположиви сили како последен момент за воигрување и креирање на тимот пред стартот на квалификациите следната година во март.

Во репрезентацијата се очекува враќање и на Бобан Николов и Давид Бабунски, кои поради тоа што немаа клубови не беа во комбинација за настап во финишот од Лигата на нациите во септември, но сега повторно по навлегувањето во натпреварувачкиот ритам се очекува да бидат на списокот на Боби Милевски.

Македонија против Финска ќе игра на 17. ноември со почеток од 18 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, а дуелот со Азербејџан е на 20. ноември (недела) од 14 часот. Собирот на репрезентативците, според најавите, ќе биде на 14. ноември во Скопје.

Се вчитува...