Името не го дадовме, со два порази се враќаме…, овој Вардар за историјата го оставаме (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Овој лик на Вардар кого ќе го паметиме како европскиот шампион од 2017 година заминува во историјата. Следната година, каков и да биде, Вардар воопшто нема да биде истиот овој моќен состав со бројни врвни ракометари во своите редови.

По крајот на Ф4 турнирот во Келн, од кормилото на „црвено-црните“ заминува тренерот Раул Гонзалес кој се сели во ПСЖ, заминува и неговиот асистент Давид Дејвис кој е нов селектор на Египет, а од Скопје си одат и Арпад Штербик во Веспрем, Лука Циндриќ во Кијелце, Жоан Канељас и Хорхе Македа во ПИК Сегед, Илија Абутовиќ во Рајн Некар Левен како и Мијајло Марсениќ во Фуксе Берлин.

Буквално цел еден тим заедно со стручниот штаб заминува од Вардар кој, како што вели, Иван Чупиќ следната година воопшто нема да биде истиот. Затоа желбата беше со трофеј од Келн да се стави точка на овој Вардар. Но, не се успеа…

Кога се накратко би се сумирало од овие два дена се издвојува: Вардаровите навивачи на висина на задачата повторно во Келн. Испратија и порака со транспаренти дека не го менуваме своето уставно име – Македонија, кое за некои медиуми е поважно од тоа што се случи на терен. А, од паркетот ќе останат запишани само двата порази иако и фактот дека вардаровите ракометари не се посрамотија… Како и да е, Вардар повторно во Скопје се враќа со тежок товар со кој ќе мора да се носат сите идни состави на македонскиот шампион. А, иднината ќе покаже дали воопшто некој ќе успее добро да ги „износи“ тој товар!

 

Се вчитува...