(ИН)ДИРЕКТ: Многу сме јаки…или не?!

Екипа

Фудбалерите ја остварија посакуваната цел. Или ја одработија обврската во групниот сегмент од Лигата на нации. Ветија прво место и го исполнија ветувањето. Селекторот Игор Ангеловски и пред се фудбалерите за тоа заслужуваат честитки, и многу повеќе аплаузи од трибините на „Филип Втори“, кој и на овие мечеви зјаеше речиси празен. Имаат убава изрека…„Сега е наше време“, и спортска опрема „Јако“. И сето тоа е убаво срочено во една приказна…„Со ЈАКО, многу сме јаки“. Точно, но во Лигата Д.

Првата позиција отвора можност за настап на Европско првенство во 2020 година, но треба да се направат и завршните два чекори. И да не се залажуваме, ќе бидат многу потешки од досегашните натпревари во групата. Нешто налик на гостувањето во Ереван каде што Ерменија ги потсети најдобрите македонски фудбалери дека – и не се толку јаки.

На победите, па дури и ако е во најслабата по квалитет Лига Д, од новоформираното натпреварување Лига на нации, не треба да гледаме со потценување. Но, треба да бидеме реални и да останеме цврсто на земја, без летање во облаци, дека е реализирано она што сите го очекуваа. Затоа што Горан Пандев, Енис Барди, Илија Несторовски, Елиф Елмас…, според квалитетот се далеку над селекцијата Гибралтар, која ја добивме со убедливи 4-0. Ама остануваат да зујат во ушите оние убедливи 4-0 од Ереван кои силно предупредуваат.

Ќе го чекаме март 2020 и полуфиналето на домашен терен во плејофот од Лигата на нации и ќе сонуваме Европско првенство, а дотогаш Ангеловски и фудбалерите ќе треба да покажат „колку се јаки“ и во редовните квалификации.

Капитенот Горан Пандев двапати јавно истакна дека „оваа генерација е нашата најдобра во историјата“. Ќе го држиме за збор, и ќе чекаме овие зборови да бидат потврдени и на дело. Ако изборат пласман на Европско – дефинитивно ќе станат „бесмртни“. Шансата е „златна“, ама треба и да се грабне со двете раце.

Се вчитува...