Кошаркарската сезона се ближи кон плејоф завршницата, во меѓувреме веќе се разрешени сите дилеми околу плејаутот, а останува да се види дали Струмица или Бутел во следната сезона ќе влезат од Првата лига во елитното друштво.
Изненадувачки, во изминатиот период се појавува нова чудна иницијатива – за пропишување на Супер-лигата, и тоа на 14 клубови. Интенцијата на федерацијата, и тоа апсолутно оправдана, е лигата да се намали, се со цел да се добие на квалитет. Впрочем, затоа и беше изгласано да испаднат три тима, а да влезе само шампионот на Првата лига.
Затоа, изненадување е што во изминатите денови се праќаат писма до клубови со иницијатива за проширување на лигата. Неофицијално, зад идејата стојат дел од оние тимови кои испаднаа од елитата, а би сакале и догодина да бидат дел од Супер-лигата. Сепак, ваквиот потег не доби премногу поддржувачи, пред се поради фактот дека би било и максимално нерегуларно да промениш систем на натпреварување пред само завршување на сезона.
Голем дел од клубовите се дистанцираат од иницијативата, а и федерацијата исто така е без поддршка за ваквата идеја.
„Системот на натпреварување се утврдува многу порано и не може да биде диктиран од тоа кој испаднал, па сега сака да остане во лигата. Пропозициите се јасни, а ние како федерација стоиме зад идејата дека квалитет можеме да добиеме само со намалување на бројот на екипи во елитното друштво“, краток, но дециден е ставот на „куќата на кошарката“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

