Интензивни активности на стадионот во Охрид: Веќе се поставува и кровната челична конструкција (ФОТО)

Интензивно течат активностите околу изградбата на новата трибина на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Веќе стартуваше и поставувањето на кровната челична конструкција, како заокружување на проектот кој е дел од активностите на ФФМ за подобрување на фудбалската инфраструктура во општините во Македонија со поддршка од УЕФА и програмата за развој.

Според проектот за стадионот во Охрид предвидено е трибината да има капацитет од 1.500 седишта, од кои во централниот дел ќе бидат ВИП местата, а предвидено е да има коментаторска кабина и простор за ТВ камери.

Во долниот дел од трибината предвидени се административните простории, соблекувални, просторија за официјални лица, потоа за допинг контрола и лекарски прегледи, како и останати придружни простории.

„Инфраструктурата е тоа што ќе остане, верувам дека тој начин на размислување и делување во вистинска смисла го сфаќаат сите кои се вклучени во оваа работа. Искрено се надевам дека тоа ќе го направиме според договореното и согласно нашите и принципите на УЕФА. Наша единствена цел со ваквиот тип на проекти е да овозможиме услови какви што заслужуваат тимовите, гледачите и репрезентацијата“ – истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, по потпишувањето на договорот за изградба и реконструкција на стадионот во Охрид.

Се вчитува...