Интер има план – Обамејанг на местото на Лаутаро

Антонио Конте е насочен кон претстојните предизвици на Интер, враќање на победнички патеки и зголемување на шансите за скудетото, но во исто време челниците на Интер кројат планови околу формирање на тимот за следната сезона.

Приоритет за „нероаѕурите“ е задржување на Лаутаро Мартинез, извонредниот аргентински голгетер кој одлично функционира во тандем со Ромелу Лукаку. Веќе беа доставени и неколку понуди со Аргентинецот за продолжување на соработката, но сите беа експресно одбивани. Проблем за Интер е што во актуелниот договор има клаузула што го прави Лаутаро достапен за 110 милиони евра, сума што Барселона е подготвена да ја плати за да го доведе аргентинскиот голгетер (за кого високо мислење има и Лео Меси) на „Камп Ноу“.

На раководството на Интер му е јасно дека нема да може сосила да го задржи одличниот голгетер, па веќе се кројат планови околу неговиот евентуален наследник. Приоритет ќе биде договарање на трансферот на Пјер Емерик Обамејанг, кој лани беше најдобар стрелец во Премиер-лигата заедно со Салах и со Мане, а и сезонава повторно редовно ги тресе противничките мрежи. Договорот на Габонецот со „топчиите“ истекува во јуни 2021, па доколку Обамејанг не го продолжи, Арсенал ќе биде принуден да го продаде за да не ризикува наредното лето да го загуби без никаква отштета.

Се вчитува...