Интер пак е на „плус три“ од Милан, но далеку зад Наполи

Интер се врати на втората позиција во Калчо-лигата откако „нероаѕурите“ славеа на денешниот дуел против Удинезе со 3-1, задржувајќи ја предноста од три бода што ја имаа во однос на градскиот ривал Милан во пресрет на овој викенд.

Ромелу Лукаку доби шанса од првата минута и успеа да се запише меѓу стрелците, но Белгиецот се изнамачи за да постигне гол од пенал. Дамфрис беше фаулиран, а Лукаку го промаши првиот пенал, но откако судијата нареди истиот да биде повторно изведен, белгискиот џин „од втора мајка“ успеа да ја смести топката во мрежата. Удинезе успеа да се врати и пред крајот на полувремето го израмни резултатот, а гостите во вториот дел имаа неколку полушанси за постигнување на погодок.

Избраниците на Симоне Инзаги сепак беа поумешни кога беше најважно, најпрвин Мхитаријан стрелаше од работ на шеснаесетникот за водство од 2-1, пред „резервистот“ Лаутаро Мартинез да ги постави конечните 3-1.

Без оглед на победата, Интер се уште има огромно заостанување во однос на лидерот Наполи, кој досега собра 15 бода повеќе од „нероаѕурите“.

Се вчитува...