Интер „плаче“, а одбил да игра дерби пред публика

Страстите во италијанскиот фудбал поради откажаното дерби меѓу Јувентус и Интер дополнително се разгореа откако беше обелоденето дека „нероаѕурите“ одбиле мечот да се игра пред публика, еден ден подоцна од првичниот термин.

Директорот на Интер, Џузепе Марота, предизвика лавина од реакции откако обвини дека Јувентус извршил притисок за дуелот да биде одложен во термин кога ќе може да се игра со присуство на навивачи на трибините.

„Целата ситуација беше лошо менаџирана, требаше да се реши многу побрзо за да се избегнат теории на заговор, иако не сакам да влегувам во приказните дека притисокот на Јувентус придонел да дојде до одложување. Ова не е прифатливо, требаше да се разговара со клубовите и заеднички да се донесе одлука. Мој став е дека мораше да се игра в недела со публика, друга опција не постоеше“, изјави Марота.

Првиот оперативец на „нероаѕурите“ експресно доби одговор од раководството на лигата.

„Нашиот предлог до клубовите беше мечот да се презакаже за понеделник и тогаш да има публика на трибините. Интер ја одби оваа понуда, не сакаше да игра в понеделник. Тие треба да си ја преземат одговорноста за сопствените одлуки, а не да зборуваат за неорганизирана лига“, објави првиот човек на Серија А, Паоло дал Пино.

Се вчитува...