Интер со контрапонуда до Барса – бара три фудбалери плус пари за Лаутаро

Раководството на Интер веќе стана свесно дека нема да може да го задржи Лаутаро Мартинез во летниот преоден рок, откако Аргентинецот одбива да потпише нов договор, а во постојниот договор има клаузула што му овозможува да си замине за сума од 110 милиони евра. Одличниот голгетер е голема желба на неговиот сонародник Лионел Меси, а челниците на Барса ќе сторат се за да го доведат Лаутаро на „Камп Ноу“.

Минатата седмица беше испратена и првата официјална понуда во висина од 70 милиони евра плус двајца фудбалери, Артуро Видал и Нелсон Семедо, но „нероаѕурите“ ќе настојуваат што подобро да го наплатат заминувањето на одличниот голгетер. Веќе е испратена и контрапонуда до каталонскиот гигант, Интер е задоволен со сумата од 70 милиони и од Видал, но Конте смета дека десниот бек Семедо не му е неопходен во тимот. Наместо него, Интер побарал двајца млади фудбалери, плејмејкерот Алења и дефанзивецот Тодибо, кои се на позајмица во други екипи, но кои според Конте би биле од сериозна помош на „нероаѕурите“.

Тешко е за верување дека Барса ќе се согласи тројцата фудбалери да ги процени на вкупно 40 милиони евра, но за очекување е преговорите да се интензивираат како што ќе се ближи крајот на сезонава. Бидејќи на каталонскиот гигант дефинитивно му е неопходно суперзасилување за нападот, а кога Меси ќе посака некого за соиграч – раководството вообичаено ги исполнува неговите желби.

Се вчитува...