Интер веќе реши, нема да го откупи Алексис Санчез

Алексис Санчез пристигна како огромно засилување од Манчестер Јунајтед, но тренерот Антонио Конте и челниците на Интер не се воодушевени од настапите и односот на чилеанскиот интернационалец. Во ситуација кога до крајот на сезонава треба да одлучат дали целосно ќе го откупат неговиот договор со Јунајтед, ставот на италијанскиот клуб уште сега е јасен – Алексис нема да остане во клубот за следната сезона.

Тој сезонава настапи на 15 средби, вкупно во сите натпреварувања, останувајќи во целосна сенка на Лаутаро Мартинез и Ромелу Лукаку. Се очекува Лаутаро да си замине во текот на летово, но Конте инсистира на доаѓање на нов врвен голгетер наместо на задржувањето на Алексис.

Една од причините е огромната плата на Чилеанецот, кој заработува над 12 милиони евра по сезона. Јунајтед покрива половина од платата за време на позајмицата, но во Интер сметаат дека Алексис не заслужува толкави примања, со што впрочем би се создало и незадоволство кај останатите играчи, кои би почнале да бараат зголемување на платата.

Оле Гунар Солскјер не смета сериозно на овој напаѓач, но управата на „црвените ѓаволи“ ќе има сериозен проблем да најде купец кој би можел да ги задоволи само финансиските барања на фудбалерот, а притоа и да плати одредена отштета на англискиот гигант.

Се вчитува...