ИНТЕРВЈУ – Игор Ангеловски: Европско му е мајката, да се „преврти“ државата!

Ако во Македонија најлесно е да бидеш политичар, бидејќи никако не можеш да ја „оправиш“ државата, а добро профитираш, дефинитивно најтешко е да бидеш селектор на фудбалската репрезентација. Сите мислат дека се подобри од тебе, најчесто ти го изустуваат името заедно со непријатни зборови и велат „остај ги бе тие, дрва се, многу ме нервираат“.

Досега сите мислеа дека никој не може да ја „оправи“ ниту нашата фудбалска селекција, но пред четири години кормилото го доби Игор Ангеловски. По „македонски рецепт“ сите повторно мислеа дека е само уште еден во редот.

Најави дека ќе се обиде да направи селекција по свој вкус, што ќе игра офанзивен фудбал, ќе се надигрува со секој ривал, нема да се плаши од „големите“ и ќе наметне стил за од нас да се плашат „помалите“.

Првиот чекор беше да го врати Горан Пандев како лидер во репрезентацијата, му вети дека ќе играат најдобрите, дека нема да „попуст“ ниту пак „шурување“ со никого. И тоа му успеа за разлика од негови претходници. Имаше храброст да им даде веднаш шанса и на дел од „златните момчиња“ од У21 тимот кој се пласираше на ЕП во Полска. Создаде одлична хемија во селекцијата, неверојатно заедништво, и почнаа резултатите. Многу подобри отколку што досега сме имале, било кога во историјата.

Некои се уште го оспоруваат, не го сакаат, но со Игор Ангеловски се резултатите, испишаната историја, за првпат Македонија е третопласирана по еден квалификациски циклус и што е уште поважно, шансата за пласман на Европското првенство 2020.

„Ја испраќаме 2019 година која беше навистина успешна година за македонскиот фудбал. Остваривме неколку значајни резултати, завршивме како првопласирани во Лигата на нации, ја победивме Словенија дома, за првпат во историјата завршивме како третопласирани во еден квалификациски циклус. Но, јас секогаш барам повеќе, пред се од самиот себе, но и од фудбалерите, затоа што верувам дека фудбалска Македонија може уште подобро. И се надевам дека тоа ќе го покажеме во 2020 година, кога не очекува големиот предизвик во плејофот од Лигата на нации. Влогот е голем, историски пласман на Европско првенство. Посакувам, како и сите Македонци, да ја „превртиме“ нацијата со еден таков резултат и нашата држава да биде дел од најголемиот европски фудбалски настан“, вели Игор Ангеловски.

Нема да кријам, најголемиот дел и знаат, Мрме ми е другар уште од кадетски денови. Игравме фудбал заедно, горд сум што стаса до селекторското место, тоа значи дека добро не учеле уште од најмали нозе. Секако, тој успешно се надградуваше, се докажа… И дефинитивно знам дека остана ист, искрен, потполно неискварен, максимално мотивиран и заљубен во фудбалот. И што е многу важно, комплетно отворен за секоја сугестија. И морав да го прашам…затоа што ја следам фудбалската репрезентација од осамостојувањето – и никогаш не постоела подобра атмосфера. Бадијала зборуваат, Македонци, Албанци, останати…млади, стари, искусни, новодојдени, се е тоа една неверојатна дружина која пред секој тренинг почнува да се забавува со познатата игра „Бззз…“, а потоа максимално професионално одработува и се подготвува за новото искушение.

Како е да се биде и „шеф“ и другар во исто време, со сите репрезентативци. Еве на пример, и со Горан Пандев…

Сите знаат дека мојот прв работен ден како селектор го поминав во Џенова. Заминав да му кажам искрено на Горан како ќе работам и да го замолам да се врати, затоа што тој и е потребен на Македонија. Како фудбалер од екстра класа – тоа не е спорно, како лидер, како мотиватор, но пред се како човек. И ние сме големи пријатели, се дружиме и семејно, децата ни се на слична возраст. Би рекол, неверојатната почит. Јас ги почитувам сите нив, ги респектирам максимално, и тие сите возвраќаат, навистина има неверојатна хемија во соблекувалната. Јас прв им се извинувам на фудбалерите од албанско потекло кога ќе има погрдни скандирања од трибините. И знам дека тие „гинат“ за Македонија на секоја педа од теренот, за секоја топка, си ја сакаат државата. Ние сме едно големо семејство, и ништо не може да не урне. Понекогаш, сакаме само малку повеќе респект од оние кои можеби најблиску до нас, а забораваат што се направија и прават овие момци за Македонија, за репрезентацијата, за федерацијата.

 

Ред е да ги каже и трите магични моменти од 2019 година, поврзани со националниот тим…

Секој момент ми е прекрасен кога сум во тренерките на репрезентацијата, и во хотел-базата, и на тренинг, секако на натпревар. Но, еве да издвојам. Двата гола на Елиф Елмас против Словенија кога го надмудри еден од најдобрите светски голмани Јан Облак. Тоа ми е еден момент…да не ги трошам, ха ха ха. Вториот момент секако се трансферите кои ги направија фудбалските репрезентативци изминатава година. Елмас во Наполи, Несторовски во Удинезе, Трајковски во Мајорка, Муслиу во Мол Види. И третиот момент е секогаш специјален и поделен во неколку сегменти…ние сите заедно, и во добро и во лошо, и кога се интонира химната, и кога сме во соблекувална пред, и после меч. Сите заедно, прегрнати, со кренати глави, затоа што секогаш го даваме најдоброто од себе за Македонија. Некогаш ќе загубиме, но знаеме дека секогаш сме сакале да победиме и сме го дале максимумот. Навистина сум горд на секој еден фудбалер што и барем еднаш добил повик во националниот тим.


Убаво е да се потсетиме на убавите моменти од 2019, но уште повеќе би сакале да ги има и поубави во 2020. Европско му е мајката…

Европско му е мајката, да се „преврти“ државата. Ние ќе дадеме се од себе. Да даде Господ само здравје за сите фудбалери, да ги избегнат повреди, па да можам да избирам од целиот потенцијал, верувам дека можеме да го оствариме сонот. Имаме фудбалери кои играат во елитни европски лиги, репрезентацијата е веќе изградена, добро вкомпонирана, желбата за да успееме кај сите нас е огромна. И верувам дека нема да „изгориме“, затоа што имаме и искуство, и младост, и свежина, и европски квалитет.

Косово е првата пречка…

Респект за секој ривал, но ние никого не сме прецениле. Ќе се вратам малку на мечот против Италија во Скопје. Водевме, но иако загубивме, тогаш мислам дека сфативме дека можеме многу. Пред мечот, во соблекувалната им реков на фудбалерите…„момци, ќе излеземе за да победиме“. Посилни се од нас, четирикратни светски шампиони, ама па што… И игравме одлично, напаѓавме, постигнавме голови, за жал, потклекнавме во финишот и загубивме. Но, сфативме дека можеме. Косово има свој квалитет, но ние веруваме во нашите сили, ќе играме пред домашна публика, се надевам дека конечно и трибините на стадионот ќе бидат максимално исполнети затоа што момците тоа дефинитивно го заслужуваат. Тоа е нашето прво финале, а ако победиме, ќе мислиме за следното, против Грузија или против Белорусија, на гости. Ќе одиме, како и секогаш, максимално самоуверени дека можеме и сакаме да победиме, дека сакаме на Европско!

Доста за фудбал, ајде малку новогодишно за крај…Што посакува Игор Ангеловски за себе, за најблиските, за подалечните, за оние што ги сака и за оние што го „мразат“.

Среќна нова 2020 за сите Македонци, за сите што ме сакаат и не ме сакаат. Јас сите ги сакам, некого најмногу, останатите малку помалку…Секако, семејството да ми биде и живо и здраво, поширокото семејство во националниот тим на Македонија исто така, да не ги мачат повреди, да редат успеси и во клубовите и во репрезентацијата, сите Македонци да се радосни, безгрижни, да имаат пари, да живеат во благосостојба. На сите спортисти големи успеси, на сите останати исто така многу успеси во животот.

Ете, ако слушна Дедо Мраз…на крај на март нека Европско во фудбал за Македонија. Здравје, среќа, бериќет за сите, а нека не се секира, Македонците секако знаат да се радуваат, и тоа лудо, на секој спортски успех.

 

Се вчитува...