ИНТЕРВЈУ – Муамед Сејдини: Верувам дека Македонија наскоро повторно ќе биде дел од едно големо натпреварување!

Македонскиот фудбал ја запиша 2021 година како најуспешна своја година во историјата на репрезентативниот фудбал. Настапот на Европското првенство и обезбедениот бараж, за првпат во историјата, за пласман на Светско првенство а дополнето низ актуелната година и со неверојатната победа над европскиот шампион Италија во мундијалскиот бараж носат нескриена гордост во таборот на националниот тим но и Фудбалската федерација на Македонија.

Сепак, првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини, вели дека актуелните успеси не треба да бидат задоволство кое ќе остане еднократно, но мора да се доживеа единствено како мотив за следните нови успеси на европско и светско ниво кон кои мора да тежнееме. Како и да е, во секој случај, сите успеси на репрезентативниот фудбал изминативе две години нескриено го издвојуваат и признанието по повод десетгодишнината од ЕКИПА за ФФМ и македонската репрезентација за отворената позитивна промоција на Македонија и нејзиниот спорт во светски рамки.

„Секако многу ни значат овие признание кои доаѓаат и од медиумите, посебно кога реално заокружуваат успешен период на наша активност. Но, тие мора да се доживуваат само како мотив за уште поголеми успеси во иднина, затоа што македонскиот фудбал докажа овие години дека има и потенцијал и капацитет да биде меѓу најдобрите во Европа“ – вели Сејдини во интервјуто за ЕКИПА, притоа веднаш неизбежно со осврт и на тоа како сите овие неверојатни резултати на Македонија одекнаа на конгресите на ФИФА и УЕФА кои се случија веднаш по двата бараж-дуели со Италија и со Португалија.

„Навистина со восхит беше примен од сите федерации од светот успехот кој го постигнавме со пласманот во финалето од баражот за Светското првенство 2022 и победата против актуелниот европски шампион Италија. Без никакво лицемерие на сите меѓусебни средби со челниците на бројни национални фудбалски федерации добивавме искрени честитки. Да, не се пласиравме на Мундијалот, но тоа што го направи една објективно мала фудбалска држава беше примено со воодушевување од многу претседатели на федерации од Европа и светот со кои имав средби, и со отворена поддршка да продолжиме на тој пат. Не може а да не го спомнам и гестот кој го направи претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина со личната честитка до мене за нашиот триумф во Палермо кој ја нагласи восхитта од сите постигнувања на македонската репрезентација“.

Дали реално сме свесни што во суштина и за фудбалот и за Македонија како држава значи да се победат европскиот шампион, или една Германија низ квалификациите?

„По сите тие резултати, јасно е дека веќе сите ја гледаат Македонија со едни сосема поинакви очи во светот на фудбалот. И тоа ме праваше горд во Катар и во Виена на Конгресите на ФИФА и на УЕФА, и лично мене и сите во македонската делегација. Мислам дека сите оние кои го следат подлабоко фудбалот во Македонија навистина се презадоволни од сето ова што ни се случува. Точно е дека во Македонија очекувањата се секогаш на највисоко ниво, и според мене тоа и така треба да биде. Иако некогаш сме сите ние малку нереални во очекувањата, сепак мора секогаш да тежнемее кон најдоброто ако сакаме и да го оствариме. Јас не се согласувам дека ние треба да сме задоволни што сме се пласирале на едно европско првенство, и сега следни 20 години да сме среќни и да завршиме на тоа. Да, јас го ценам тоа што се пласиравме на Европско првенство, што дојдовме до финале од бараж за пласман на Мундијал, но никако не смееме да се задоволуваме само со тоа, очекувањата за уште подобро треба постојано да живеат во нас. Но, знам и дека целата македонска спортска јавност знае дека ова е успех за македонскиот фудбал кој досега ниту една федерација претходно во историјата не успеала да го достигне“.

Може ли да се повторат успесите во блиска иднина? Може ли да го задржиме континуитетот на учество на европски првенства?

„Секогаш резултатските очекувања и побарувања во спортот почнуваат од материјалот кого го поседуваш. А јас лично мислам дека ние имаме навистина извонредни фудбалери, и од професионален аспект но и како личности, исклучително поврзани меѓу себе и затоа мислем дека и идните успеси лежат токму во нив. Гледајќи ги нив, верувам дека ние повторно во блиска иднина ќе бидеме дел од едно големо натпреварување“.

ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ СТАДИОН СТАРТУВА НА СРЕДИНАТА ОД 2023 ГОДИНА

Фудбалската федерација на Македонија ја очекува нов голем проект, изградбата на новиот стадион со капацитет од минимум 12.000 седишта кој треба да биде дом на националниот тимови…

„Имавме неколку интензивни состаноци со градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, и нашите планови се во прв период да се среди комплетната неопходна документација заедно со Владата и сите државни институции, и тоа заеднички да се заврши до почетокот на следната година. Нашата обврска како федерација е пак во овој период да се презентира идејниот проект до УЕФА, потоа да се премине на основниот проект и мислам дека кон средината на следната година, ако се тече како што треба, да се почне со изградбата на новиот репрезентативен стадион. Сите заеднички, општината, државата и ние како федерација заеднички да изградиме нешто кое ќе остане за спортот и фудбалот. Јас секогаш велам, онака како што заеднички знаеме на терен да ги победиме една Италија и Германија, сега сите заедно со сите сили да реализираме проект кој ќе е од големо значење за фудбалот, но и државата. Да, финансиите би биле од УЕФА, од Хет-трик програмата првично, но наше е тоа да го реализираме на вистински начин во интерес на македонскиот спорт“.

Што значи еден таков капитален проект за македонскиот фудбал и сите национални селекции?

„Не случајно ние одбравме стадионот да се гради веднаш тука до ‘Куќата на фудбалот’. Со овој проект ние се комплетираме како ‘Куќа на фудбалот’, како фудбалска федерација, имајќи во предвид дека веќе тука имаме четири други терени и мини-стадиони за подготовки и натпревари, тука е и Фудбалската академија, тука е и комплетната логистичка поддршка. Одбравме капацитетот на стадионот да биде 12.000 гледачи, знајеќи дека имаме и натпревари на кои не може да се исполни капацитетот на најголемиот наш стадион ‘Тодор Проески’ кој е со капацитет од 33.500 гледачи. Затоа мислиме дека овој нов стадион би бил покомпактен во насока и на поголема мотивација за самите фудбалери кои би се чувствувале и подомаќини на тој терен. Наша обврска како Фудбалска федерација на Македонија е да придонесеме за напредок на фудбалот, а најдобар начин да го потврдиме тоа е преку изградба на стадион кој ќе биде обележје на времето кое ни ги носи најголемите фудбалски успеси во нашата историја“.

ИНТЕНЦИЈАТА Е ВО ИДНИНА И ПРИЛЕП, БИТОЛА, ШТИП, СТРУМИЦА, ТЕТОВО… ДА БИДАТ ДОМОВИ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Паралелно тече и изградабата и реконструкциите на уште неколку стадион во државата. Инфраструктурното заживување треба да биде темелот и на локалниот дополнителен развој на фудбалската игра.

„Ние секако интензивно продолжуваме и со сите останати наши проекти кои течат во Битола, Прилеп, Штип… Токму инфраструктурните вложувања кои ги реализираме се за помош на фудбалските клубови од нашите најголеми градови. Но, од друга страна сакаме да оспособиме и стадиони кои ќе може да бидат домаќини на македонските репрезентации. Не сакаме Скопје да го има ексклузивното право на македонската репрезентација. Нашата идеја е секој еден во Македонија и во помалите градови да ја почувствуваат репрезентацијата како своја. Натпреварите да се играат и во Прилеп, и во Штип, Битола, Струмица, Тетово, Охрид… Секој еден граѓанин да го почувствува вистинскиот пулс на фудбалот и репрезентацијата како своја радост“.

Се вчитува...