Интервју – ПЕТАР НАУМОСКИ: Преживеав многу потсмев и навреди, ама МКФ ја застанав на нозе!

Петар Наумоски мина три бурни години на чело на Македонската Кошаркарска Федерација, за сега да најави дека нема да тргне во нов мандат и во мај 2019 година ќе ја напушти претседателската функција. Иако често критикуван, Наумоски е убеден во исправноста на одлуките што ги носеше во овој период. Во интервјуто за ЕКИПА тој говори за обидите за негова смена, открива детали од разделбата со Џикиќ, но и зошто беше доведен Драган Раца за селектор на Македонија.

Смета и дека неговиот наследник ќе има лесна задача, воедно и се осврна на правилото за странци, работата со млади категории и што е она што недостига за да се вратиме поблизу до европската кошаркарска елита.

„Моето име и презиме е помпезно во сферата на кошарката и можеби поголем број на луѓе кои не го познаваат работењето на федерацијата го врзуваа со некои успеси веднаш на кошаркарско ниво или на самиот паркет. За жал, Пеце Наумоски не беше дојден за да игра кошарка и да дава кошеви и на тој начин да помогне, напротив, беше дојден за тргање на 16-годишната блокада на сметката на федерацијата. Во тој момент сите ми се смееја, но јас успеав да го направам тоа за неполна година, оттогаш натаму МКФ функционира со своја сметка и регуларно ги подмирува сите обврски. Тоа е единствената работа на еден претседател, односно менаџер, раководство на федерацијата“ – го потенцира својот успех Наумоски.

Сепак, мерило за работата на репрезентацијата се и резултатите на националните селекции.

Што се однесува до резултатите, нормално дека мораме да влијаеме врз самите нив, меѓутоа тоа може да се стори до одреден процент, односно да го надградиме тој процент што самите клубови треба да го одработат, а ние само да им овозможиме на децата дополнителен развој во своите возрасни генерации. Женската кошарка речиси и да не постоеше пред нашето доаѓање, но успеавме да ја вратиме со доаѓањето на Моника Гаврилоска и нејзиниот ангажман. Кога очекувавме некаков „фидбек“, за жал минатата година ни се случија сериозни проблеми со повреди на три клучни кошаркарки. Што се однесува до А-селекцијата, тука наидовме можеби не на целосна смена на генерациите, но сигурно отсуство на голем број на играчи кои беа клучни во таа фамозна 2011 година во Литванија. Во кошарката нема вчера ниту утре, секогаш има само денес, не може и во 2018 година да размислуваме само за 2011 година, затоа што за жал генерации заминуваат и поминуваат, а грешката на федерацијата во изминатите 15 години беше токму во тоа што не обрнала внимание и не се грижела што ќе се случи кога ќе дојде до таа смена на генерација. Ако се правело тоа, ако од секоја генерација излегувале по два до три играчи, немаше да ни се случи ова сега, да имаме огромна дупка од околу седум години од генерацијата на браќата Стојановски до онаа на Мекиќ и Младеновски“ – вели првиот човек на МКФ.

Факт е дека работата тргна надолу со заминувањето на Александар Џикиќ, за кого Наумоски тврди дека сакал соработката да продолжи, истото било и договорено, но ситуацијата се променила во последен момент.

„Директно и конкретно, кога дојдовме во мај месец инсистирав да се сретнеме со Џикиќ, таа средба се случи во месец јуни, а присутни покрај мене беа и Заре Марковски и Видоја Секуловски како претставник на Управниот одбор. Поучен од однесувањето на претходниот селектор Пипан, кој ја исплука Македонија и воопшто не се врати во нашата земја по тој Евробаскет, јас од Џикиќ побарав само во тие 45 дена ангажман да се однесува како Македонец. Не барав ниту резултат, му ветив дека договорот што го има со претходното раководство ќе биде испочитуван до крај. Џикиќ во тој момент се согласи, најпријателски се разделивме, но затоа бев разочаран кога кратко време пред стартот на подготовките тој почна со коментари како не ни верува и дека ги бара сите пари однапред за да дојде и да ја води репрезентацијата. Нормално дека не се согласивме, како може да постои однос на апсолутна недоверба, ставете се вие во улога на менаџер, некој да  дојде и да ви каже дека воопшто не ви верува, а вие треба да му ја дадете најодговорната задача во наредниот период“.

Евробаскет 2015 го минавме со Марјан Србиновски на клупата, а потоа за селектор беше именуван Драган Раца, речиси едногласно избран за најслаб предводник на нашиот национален тим на сите времиња. Наумоски открива дека причините за доведување на Раца не биле само спортски, туку и од финансиска причина, поради конекциите на Србинот со Кина.

„Драган Раца не беше планиран за селектор, нашата идеја за тој период беше селектор да биде Заре Марковски. Тоа малкумина во јавноста го знаат, но Заре во последен момент ми соопшти дека има една ситуација во која Драган Раца е тренер кој би можел да направи исчекор и во изнаоѓање на средства преку размена на искуства со Кина. Тој имал добри конекции во оваа земја и би можел да договори турнири преку кои ние како федерација би можеле да заработиме. Прво што го прашав е какви се тренерските квалитети, спореди го Раца со тебе, од Заре добив одговор дека тоа се мали нијанси во прашање. Така беше дојдено до ангажман на Драган Раца, јас и денеска ќе кажам дека Раца не е лош тренер, тој наиде на едно негодување кај медиумите, во јавноста и нормално, лош однос со играчите. Велам лош однос, бидејќи тој ги гледаше кошаркарите како да му се во клуб, како да се платени, а разликата меѓу наметнување на авторитет во клуб и во репрезентација е нешто сосема различно“ – открива првиот човек на мак-баскетот.

Во еден мандат Наумоски се соочи со два обиди за негова смена, но во двете ситуации „преживеа“ и остана на чело на федерацијата. Во втората ситуација тој за противник имаше уште една легенда на мак-кошарката, Владо Илиевски, за кого открива дека му била понудена и соработка, но до неа не дошло.

„Секогаш е потешко првиот пат, бидејќи секој нареден пат си поискусен и знаеш како да се подготвиш за една таква ситуација. Ако на денешен ден кажеме дека ќе има нов сличен обид ние би биле спремни, со искуство и со познавање на теренот. Мислам дека доколку вториот пат беше прв, можеби ќе загубев, бидејќи беа фокусирани сите кои требаа и не требаа да бидат пријатели и непријатели, сакаа да извршат егзекуција за по секоја цена да дојде до смена. Истите тие луѓе, голем дел од нив кажуваат дека ја поддржуваат работата на федерацијата во овие три години и нашите напори што ги вложуваме, но за жал не сакаат во јавноста да го говорат тоа. Секој си има свои ставови и амбиции и јас никого не обвинувам, но грешката кај звучно име како Владо Илиевски, тој треба да ја бара кај самиот себе. Имено, него му беше понудено да влезе во тимот што раководи со репрезентацијата и потоа за кратко време доколку покаже лидерство и можност за квалитетно подигање на работата на федерацијата, нормално е ние да му дадеме шанса и да го исфрлиме во преден план. Тој го одби тоа и покажа дека најверојатно главната карика во раководењето на федерацијата немаше да биде токму тој“.

Една од најважните битки што ја водеше во овој период сигурно е онаа за намалување на бројот на странците, што ја извојува со новото правило што почнува да важи од новата сезона.

„Јас бев свесен и тогаш кога тргнав да инсистирам на намалување на странците, тоа беше директниот мотив за првиот пуч и се случи со директна закана за време на завршниот турнир од Купот на Македонија што се одржа во Гевгелија. Три ноќи минавме таму и разговаравме само на таа тема, Македонците да добијат поголема минутажа, за директно да ни биде кажано од раководните луѓе на тогашните поголеми клубови дека ако го направиме тоа, тие ќе тргнат да не сменат. Проработе спортскиот инает кај нас, порачавме дека ние ќе го направиме тоа бидејќи тоа е единствената правилна одлука за македонската кошарка. Ако размислуваме клупски, тоа можеби навистина не е добро за клубот, но долгорочно гледано за репрезентацијата и за македонската кошарка севкупно, сигурно е позитивно. Јасно ми е дека има голема празнина на создавање на играчи и дека веднаш не може да се излезе со квалитетни кошаркари, но ако не посееме семе за да почнеме со производство на одреден производ, ние не можеме однапред да кажеме каков ќе биде неговиот квалитет. Ако не му дадеме доволен простор за тој да созрее, никогаш не би знаеле колку тој играч може да биде добар и секогаш ќе постои заблудата „што би било кога би било“ – вели Петар Наумоски.

Претседателот на МКФ е свесен и дека голем дел од кошаркарите сега се обидуваат да го злоупотребат истото тоа правило за да се изборат за поголеми плати од она што реално вредат.

 

„Свесни сме дека направивме некое пореметување во буџетите на клубовите бидејќи домашните играчи ја злоупотребуваат одлуката и бараат поголеми плати без да почнат да прикажуваат резултати. Тоа прави да размислиме во иднина на некој начин да ја ревидираме одлуката, им стоиме на располагање на клубовите да седнеме и да најдеме заеднички јазик, доколку е возможно да се постават нови граници, бидејќи не треба да дозволиме играчите да ги уценуваат клубовите со превисоки побарувања само затоа што ние како федерација сме вовеле некое правило. Јас секогаш сум бил и ќе бидам за кошаркарите, но и тие треба да разберат дека парите што евентуално им се потребни за живот и треба да ги заработат, оние „големи пари“ треба да ги бараат надвор од Македонија. Овде треба да се стекнат со квалитетно искуство и рутина што потоа во странство ќе успеат да го продадат“.

Како поранешна кошаркарска мегаѕвезда, Наумоски се осврна и на сегашноста во мак-кошарката, поточно на она што им недостига на децата, па и на повозрасните играчи за да успеат на големата сцена.

„На денешните деца им фали од се по по нешто, а од нешто можеби и повеќе. Од аспект на тренинг можеби и ќе ги натераме, бидејќи е факт дека во денешно време во одредени клубови не се работи доволно. Слушаме изговори дека се немаат доволно термини, па затоа се работи по еден час на ден, некогаш и не секој ден, а несфатливо е како некој може да помисли дека со само еден час дневна работа може да се стане квалитетен кошаркар. Потоа е квалитетот на тренингот, работата на тренерот и корегирањето на децата при грешките што ги прават при вежбите што им се даваат. Сепак, најважно според мене, она што ги спојува сите останати елементи во кошарката, се желбата и инаетот. Желбата да бидеш успешен, секојдневно да бидеш најдобар на тренингот и на натпреварот, придонесоа секој нареден ден да бидеш подобар од претходниот. Кога велам инает, тоа се однесува на ситуациите кога играш против играчи кои најверојатно се подобри од тебе, но тој спортски инает да те тера да се бориш и да гледаш и покрај тоа да стигнеш до победата. Тоа е она што во мое време, но и сега ја прави разликата на теренот, а што се поретко се гледа кај играчите“ – реален е Наумоски.

Двајцата синови на Наумоски се кошаркари кои кариерата ќе ја продолжат надвор од Македонија, потег што според претседателот на МКФ е вистински за нивниот кошаркарски развој.

„Како што кажав и претходно, пред се клучни се бројот на часови минати на тренинг, што во странство е многу поголем отколку во Македонија. После тоа, многу важно е секојдневно да се тренира со квалитетни дечиња, така што секој секого ќе притиска за да се напредува. Тука придонесуваат и огромниот дел од клубови што воопшто не е добро, затоа што порано квалитетот беше концентриран во неколку екипи. Денеска имаме мал милион клубови само во Скопје, секаде има по еден до двајца талентирани играчи, но тие деца не можат да напредуваат ако тренираат со многу послаби од нив. Според мене тоа е една од главните причини поради кои се носи одлука децата од мали години да заминуваат од Македонија. Слична е ситуацијата и со моите двајца синови бидејќи нормално е кога ќе стигнете до едно ниво и не гледате можност за напредок, да барате начин за уште еден чекор напред. Нема гаранција дека тие ќе успеат повеќе од оние кои ќе останат овде, но во секој случај е обид за едно подобро утре“ – родителски размислува првиот човек на МКФ.

Впрочем, токму од тие причини тој и ја донеесе одлуката за заминување од Македонската Кошаркарска Федерација по истекот на неговиот мандат.

„Како што реков, одлуката е донесена од семејни причини, за да бидам крај моите деца при нивната работа во клубот во странство, најверојатно во Турција. Физичкото отсуство нема да претставува никаков проблем, впрочем голем дел од претседателите на федерациите не се секојдневно физички присутни, а јас сум убеден дека тимот што останува овде во координација со мене ќе продолжи беспрекорно да си ја извршува задачата“ – потенцира Наумоски.

Тој не го крие задоволството од големиот успех на У16 репрезентацијата, која успеа да обезбеди влез во А дивизијата. Проектот „Заедно до У16“ е почнат токму по доаѓањето на Наумоски, но тој верува дека истиот може уште повеќе да се унапреди доколку се создадат услови за такво нешто.

„Горди сме на овој успех, кој ја потенцираше правилноста на нашата работа со младинските категории. Овој проект Заедно до У16 е добар и јас го потенцирав и претходно, но не е беспрекорен за да се одработува без проблем и без ниеден недостаток. Проблемот е во тоа што тие деца е едно да ги имаме постојано во текот на цела година во еден наш тим, со квалитетни тренери, нутриционисти, тренер за физичка спрема итн… а друго е да ги имаме само месец и пол за подготовки и уште толку време преку неколкуте собири што ги организираме. Тоа се вкупно три месеци од дванаесет, што е премалку . Идејата наша што трае повеќе од една година и бараме решение, тоа е добивање на сала. Имаме последна информација од Агенцијата за Млади и Спорт дека во процедура е давањето на спортски сали во користење на концесија, со што самите федерации ќе имаат можност да ги реализираат овие идеи. Тогаш тој проект, надграден со ова што го кажуваме ние, што ќе помогне дури и да се надмине кризниот момент на одлевање на децата од Македонија. Ние тоа го замислувавме да не бидат само 14 деца, туку А и Б екипи од по 14 деца, во неколку возрасни генерации од 14 до 16 години бидејќи веруваме дека на таа возраст можеме најмногу да влијаеме врз нивните кошаркарски квалитети“.

За крај, Наумоски порачува и дека неговиот наследник ќе има многу полесна задача од она што тој го имал пред себе кога дошол на чело на МКФ.

„Јас мислам дека кој и да дојде на мое место, му се решени голем дел од проблемите. Ние дојдовме со најголеми проблеми, блокада на сметка и немање можност како да функционира самата федерацијата. Тука беше и спортскиот аспект, владеење на клубовите со лигата со непостоење на никаков спортски ферплеј, тие бираа комесари, а потоа комесарите им враќаа со делегирање на судии и различни „зафрканции“, сега сето тоа е исчистено и е ставено под целосна контрола на федерацијата. Тој што ќе дојде на мое место, верувам дека главен предизвик ќе му биде што поскоро да оствари подобри резултати во сениорската репрезентација“ – истакнува Петар Наумоски.

Академија Наумоски – сериозен кошаркарски проект

„Тоа е нешто поголемо, многу поголемо отколку изградба на обична сала. Да стануваше збор само за тој објект одамна ќе беше готов, вака инвестицијата е посериозна, комплекс од 15.000 квадратни метри. Целиот проект бара сериозни финансии, јас веќе не играм кошарка за да заработувам огромни суми што би можел да ги вложувам. Како што доаѓаат пари така се довложува во тој комплекс. Функционирањето на таа академија не е поврзано со моето секојдневно присуство, јас би бил тука за корекција и работа на одредени сегменти и напредување на децата, со кои секојдневно би работел квалитетен тренерски тим, а мојот ангажман би бил само надоградба на знаењето.

Се вчитува...