Инцидент во Тетово на кадетски меч: Симпатизери на Вардар го нападнале судијата, две лица приведени

Инцидент се случил во кадетската лига во Македонија. На натпреварот одигран во Тетово помеѓу Шкендија и Вардар, кој завршил 4:2 за домашните, по завршувањето на истиот симпатизери на ФК Вардар се обиделе да го нападнат судијата, а бил вклучен и играч на „црвено-црните“.

„По завршување на натпреварот двајца гледачи од Скопје, симпатизери на гстинската екипа се обидоа и физички го нападнаа главниот судија на натпреварот. Во таа мешаница се вклучи и фудбалер на ФК Вардар кој исто така се обиде да го удри главниот судија. По интервенција на полицијата, двете лица – напаѓачи беа приведени со полициско возило.“, стои во записникот од натпреварот.

Од МВР го потврдија инцидентот.

„На 06.11.2021 во 13.05 часот полициски службеници на СВР Тетово ги привеле во полицска станица А.Н.(45) и Т.Ф.(42), и двајцата од Скопје. А.Н. бил приведен поради нарушување на јавниот ред и мир со викање и непристојно однесување, а Т.Ф. затоа што физички го нападнал фудбалскиот судија Ј.Б. по завршување на фудбалскиот натпревар од младинската суперлига помеѓу Шкендија и Вардар. По документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.“, се вели во соопштението.

Се вчитува...