Иранската фудбалска федерација официјално побара од ФИФА да не организира церемонии или промотивни активности поврзани со ЛГБТ движењето за време на натпреварот против Египет на Светското првенство во 2026 година.
Како што објави „RMC Sport“, барањето е испратено пред натпреварот од третото коло од групната фаза, кој ќе се игра во сабота на стадионот „Лумен Филд“ во Сиетл.
Неименуван претставник на иранската репрезентација изјави дека ставот на федерацијата е јасно презентиран на ФИФА и дека се базира на културни и религиозни вредности кои, како што тврди, ги делат и Иран и Египет.
„Фудбалската федерација на Исламска Република Иран го сфаќа ова прашање многу сериозно и го претстави својот став на ФИФА. Иран и Египет се две муслимански земји кои делат длабоки културни и религиозни вредности. Веруваме дека на стадионот не треба да има организирани церемонии или промотивни активности поврзани со ова движење“, се вели во соопштението.
Засега не е познато дали ФИФА одговорила на барањето на иранската федерација или дали протоколот за организација на натпреварот ќе биде променет поради тоа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
