Исак го пропушта клучниот меч за Арне Слот и Ливерпул

Ливерпул се наоѓа во катастрофална форма, „црвените“ нанижаа четири порази во Премиер-лигата, шест на последните седум средби во сите натпреварувања, криза од која излез ќе се обидат да најдат на утрешниот дуел на „Енфилд“ против тимот на Астон Вила.

Згора на тоа, Арне Слот се соочува со проблеми со повредени фудбалери, Фримпонг ќе биде „во аут“ речиси до крајот на годината, додека за дуелот со Астон Вила на располагање ќе го нема најскапиот премиерлигашки фудбалер на сите времиња, голгетерот Александер Исак. Швеѓанецот се мачи со незгодна повреда уште од дуелот против Ајнтрајт и нема да може да биде во тимот утревечер, исто како и Куртис Џонс.

„Добра вест за нас е што Гравенберх се враќа. Тој тренираше вчера, ќе тренира и денеска, по што ќе решиме дали да биде стартер или да почне од клупата. Што се однесува до Џонс и до Исак, 99% сме сигурни дека нема да можат да бидат дел од тимот против Вила“, изјави Слот на денешната прес-конференција.

Слот ќе стартува со Екитике како предводник на нападот, свесен дека евентуален неуспех против Астон Вила ќе значи и зголемување на шансите шампионскиот тренер на Ливерпул да добие отказ.

Се вчитува...