Историска победа на Луис Хамилтон во Португалија

Луис Хамилтон продолжува да испишува историја во Формула 1 шампионатот откако актуелниот првак триумфираше и на денешната трка во Португалија. Овој триумф ќе остане запаметен бидејќи станува збор за број 92 на Хамилтон, со што Британецот стана возач со најмногу победи во историјата на Ф1. Откако пред две седмици го израмни рекордот од 91 победа на Михаел Шумахер, Хамилтон доминираше на денешното португалско гран-при, уште еднаш оставајќи ги ривалите далеку зад себе за рутински триумф и зацврстување на првото место во генералниот пласман.

Тимскиот колега Ботас повторно му беше најсериозен ривал, но откако светскиот шампион успеа да го мине во 20. круг, повеќе немаше дилеми околу победникот на оваа трка. Ботас на крајот мораше да се задоволи со второто место, пред третопласираниот Макс Ферстапен, зад кого следеа Леклер, Гасли, Саинц, Перез… Поранешниот шампион Себастијан Фетел вчера испадна во втората рунда од квалификациите, но Германецот денеска извозе солидна трка стигнувајќи до десеттата позиција.

Возбудувањата во Формула 1 шампионатот ќе продолжат следниот викенд со трка на италијанската патека Имола.

Се вчитува...