Македонскиот кајак испиша нова значајна страница на Европското јуниорско првенство во кајак на диви води – спуст, кое се одржува во Грандтули, Шкотска.
Младиот македонски репрезентативец Благој Гугинов оствари одличен резултат пласирајќи се на крајот на 9. место во големото финале меѓу најдобрите 15 кајакари од квалификациите, во конкуренција на натпреварувачи од дури 19 европски нации.
Самото место во финалето претставува голем успех, но пласманот на Гугинов во ТОП 10, односно 9. место во Европа во јуниорска конкуренција, добива уште поголема тежина ако се има предвид исклучително силната меѓународна конкуренција.

На Европското првенство учествуваа млади кајакари од 19 земји, а само најдобрите 15 по квалификациските возења добија можност да се борат за највисок пласман во финалната трка. Тоа значи дека секој пласман во финалето е потврда за квалитет, стабилност и подготвеност да се биде рамо до рамо со најдобрите млади кајакари на европската сцена.
„Гугинов во Грандтули покажа дека македонскиот кајак има натпреварувач кој може да се носи со европската конкуренција и во најважните моменти да го даде својот максимум. Деветтото место во Европа не е само бројка на резултатската листа. Тоа е резултат кој има историско значење за македонскиот кајак и силна потврда дека вложувањето во младите натпреварувачи носи резултати. За Гугинов ова е искуство од огромно значење за неговата понатамошна кариера, а за Македонија уште еден доказ дека може да има свои претставници кои ќе се борат со најдобрите во Европа“ – порачаа од Кајакарската федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
