Исвиркана химната на Иран, контроверзни знамиња на стадионот… (ВИДЕО)

Иран го започна својот настап на Светското првенство со нерешен резултат 2-2 против Нов Зеланд, но пред топкатада почне да се тркала од центарот, сцената од трибините на стадионот „СоФи“ во Лос Анџелес го привлече вниманието на сите.

За време на интонирањето на иранската национална химна, мешавина од исвиркувања и аплаузи се проби низ стадионот, а гласните исвиркувања не престанаа во текот на целото изведување на химната.

Посебно внимание привлекоа и дел од иранските навивачи кои пристигнаа на стадионот со стари ирански знамиња со лав и сонце, симбол што се користеше пред Исламската револуција во 1979 година. За време на националната химна, некои од нив им свртеа грб на теренот и на репрезентативците, со што испратија јасна политичка порака – дека не требало да дојдат и да настапуваат на Мундијалот.

Низ целиот стадион имаше многу вакви знамиња, а нивното воведување предизвика дебата уште пред почетокот на натпреварот. Имено, пред натпреварот се водеше правна битка околу тоа дали да се дозволат знамињата да влезат во стадионот, но многу навивачи ги внесоа без поголеми проблеми.

Иранската федерација побара од ФИФА да дозволи само официјалното знаме на Исламската Република на стадионите и постојано бараше забрана за воведување на стари знамиња со мотиви од лав и сонце.

Министерот за спорт Ахмед Донџамали дури предупреди дека тимот би можел да го напушти теренот доколку на трибините се појават политички слогани или знамиња што иранските власти ги сметаат за симболи на противникот. Сепак, ваквите знамиња беа видливи на бројни места на стадионот во Лос Анџелес.

Целата приказна добива дополнителна тежина од фактот што натпреварот се одигра само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат привремен мировен договор меѓу Иран и Соединетите Американски Држави.

Еве каква беше атмосферата при интонирање на химната на Иран. 

Се вчитува...