Италијанците најдоа начин да ја завршат сезоната, се чека на УЕФА

Од минута во минута се менуваат информациите околу плановите за доигрување на сезоната во елитните лиги ширум Европа. Дел од италијанските медиуми утрово објавија дека е невозможно сезоната да продолжи во април, што ќе резултира со нејзино откажување, но последните информации на „Спортмедиасет“ велат дека сезоната сепак ќе се доигра, и тоа од почетокот на мај до крајот на месец јуни.

Поголемиот дел од клубовите имаат одиграно по 26 натпревари, што значи дека за комплетирање на сезоната треба да се одиграат уште 12 редовни кола, плус четири средби од едно одложено коло. Најновиот план вели сезоната да почне на 2 мај и да трае до 28 јуни. Во овој период има вкупно девет викенди, а три кола би се одиграле среде недела, во празен термин во кој не би биле закажани европски купови.

Италијанските власти сметаат дека со најстрогите мерки што беа преземени минатата седмица ситуацијата ќе се стабилизира, ширењето на болеста ќе биде запрено, а до крајот на месец април веќе животот на Апенинскиот полуостров би можел да се врати во нормала. Затоа и планот е сезоната да продолжи од почетокот на мај, со присуство на публика на натпреварите.

Сепак, за ова да се случи неопходно ќе биде зелено светло од УЕФА, односно одлука за одложување на ЕВРО 2020 што треба да стартува на 12 јуни. Доколку тоа се случи, италијанската лига, но и голем дел од останатите лиги ширум Европа би можеле да течат без проблем до крајот на месец јуни.

Се вчитува...