Италијанците повторно ја преслушаа Русија

Италија и со својот „Б тим“ доминира во нашата квалификациска група за Евробаскет 2021 откако „аѕурите“ попладнево во Талин ја совладаа Русија со резултат 70-66. Откако славеа над Русите во рамките од првото коло, младите италијански кошаркари повторно му зедоа мерка на големиот ривал, зацврстувајќи е на првото место во групата.

Руските кошаркари имаа извонредна шутерска вечер во минатото коло против Естонија, но денеска „зборнаја“ потфрли во овој дел од играта, шутирајќи 7/30 од далечина. Италијанците знаеја како да го искористат тоа, имаа контрола над резултатот во голем дел од мечот, а потоа не им дозволија на противниците да се вратат во самата завршница. Плејмејкерот Спису погоди две тројки на две минути до крајот, ставајќи печат на заслужениот триумф. Амедео Теситори со 27 поени и 9 скокови беше главен играч на овој натпревар, додека најефикасен кај Русите единствен со двоцифрен ефект беше Воронцевич со 11 постигнати поени.

Италија е лидер во групата со скор 3-0, Русија е на второто место со 2-1, пред Естонија со 1-2 и Македонија со два порази на првите две средби. По откажувањето на нашите средби во „балонот“ во Талин, „црвено-жолтите“ во февруари ќе ги одиграат преостанатите четири средби од овој квалификациски циклус, две против Италија и по една со Естонија и со Русија.

Се вчитува...