Италијанците се договорија: Ќе играат сите, но пред празни трибини

Конечно е постигнат договор околу продолжението на сезоната во италијанскиот шампионат, откако сите 20 клубови дадоа светло сезоната да продолжи, но без присуство на навивачи на трибините.

Претходниот договор сезоната да продолжи со одложените натпревари од минатото коло сега не важи, викендов на програмата ќе бидат средбите од 27. коло што требаше да се играат и според првичниот календар. Во следните неколку дена ќе бидат објавени термините за одигрување на одложените средби, меѓу нив и големото дерби меѓу Јувентус и Интер.

„Првенството продолжува, но без присуство на навивачи. Ќе се обидеме да не ги запреме спортските активности, но мораме да мислиме на заштита на здравјето на спортистите и на навивачите“, изјави Министерот за Спорт на Италија, Винченцо Спадафора.

Со донесената одлука, в сабота ќе играат Џенова – Парма, Торино – Удинезе, Аталанта – Лацио и СПАЛ – Калјари, за недела се закажани дуелите Фиорентина – Бреша, Верона – Наполи, Интер – Сасуоло, Болоња – Јувентус и Рома – Сампдорија, а колото ќе биде заокружено в понеделник, со пресметката Лече – Милан.

Се вчитува...