Итудис го брка Калатес, се прави ли место во Фенербахче за Димитријевиќ

Фенербахче подготвува рокада на плејмејкерската позиција, со која турскиот гигант би можел да отвори простор за ангажман на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Медиумите во Турција најавуваа дека тренерот Итудис е заинтересиран за нашиот плејмејкер, но проблем претставуваше фактот дека Фенер беше добро покриен на оваа позиција.

Сепак, ситуацијата драстично се менува откако Итудис дал налог за предвремен раскин на договорот со Ник Калатес. Грчкиот плејмејкер беше прва опција на оваа позиција минатата сезона, но Итудис воопшто не беше импресиониран од настапите на својот сонародник, кој воедно е и еден од најплатените кошаркари во Фенербахче. Тој има уште една година од договорот, но е подготвен да го раскине ако добие соодветна отштета, особено ако се знае дека Калатес би немал проблеми да најде нов клуб бидејќи на маса веќе има понуди од Монако и од Панатинаикос.

Димитријевиќ имаше зад себе фантастична сезона, во која Македонецот стигна до првиот трофеј во кариерата откако со Уникс стигна до титулата во ВТБ-лигата. Нашиот ас беше избран и за МВП на плејофот, како потврда за извонредната форма што уште повеќе му ја крена цената на пазарот. Тој во меѓувреме успеа да го раскине договорот со Валенсија и е слободен без никаква отштета да го избере новиот клуб, јавна тајна е дека Уникс сака да го задржи во своите редови, но Димитријевиќ сериозно би разгледал опција за трансфер во Евролигата доколку пристигне богата понуда од некој амбициозен клуб во елитното европско натпреварување.

Фенербахче секако спаѓа во таа категорија на екипа, а доколку Калатес си замине и Итудис навистина испрати понуда, јасно е дека македонскиот кошаркар ќе биде пред сериозна дилема…

Се вчитува...