Ивановски во Глазгов на Европското првенство 2019 во сала

Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски е единствениот македонски преставник на престојното Европско првенство во сала кое ќе се одржи во Глазгов, Шкотска, од 1. до 3. март.

Ивановски, по долги години, е првиот македонски атлетичар кој со исполнета А норма ќе биде дел од најдобрите на Стариот континент. Неговиот пријавен резултат од 8:03.65 минути преставува и национален рекорд на Македонија остварен на последното балканско првенство во сала кое се одржа пред осум дена во Истанбул, а на кое го освои сребрениот медал.

„Дарио константно напредува и ги поместува границите со напредокот и рушењето на многу македонски рекорди на средни и долги патеки. Тој својата класа веќе ја потврди на највисоко ниво на Балканот, а со напредокот кој го постигнува веќе од следната олимписка година треба да биде и во врвот на европската атлетика. Сето тоа ќе биде основа за престојната олимписка година и неговото учество на ЛОИ во Токио 2020 година. Сето ова ни дава за право да веруваме во неговата блескава иднина и нови рекорди на Македонија кои ќе бидат повеќе од сигурни. Оваа сезона по завршувањето на европското првенство во сала, нашата мисија на натпреварите на отворено ќе биде рушење на рекордите на 1.500 метри и на 5.000 метри“ – ни изјави тренерот под чија палка Ивановски континуирано напредува изминативе четири години, Игор Јакимовски.

Ивановски низ актуелнава година го чека и Светското првенство 2019 кое ќе биде во вториот дел од сезоната во Доха, Катар.

Се вчитува...